Шумски пожар на непристапен терен над Теарце во Националниот парк „Шар Планина”

by Fokus

На непристапен терен над селото Теарце активен е шумски пожар. Од Центарот за управување со кризи информираат дека до местото на шумскиот пожар треба да се пешачи околу два часа бидејќи местото каде што сѐ уште гори е многу високо. Известена е и Дирекцијата за заштита и спасување.

– Регионалниот ЦУК Тетово, во врска со вчерашниот шумски пожар над селото Теарце во Националниот парк „Шар Планина”, Тетовско, информира дека е стапено во контакт со пријавителот, ренџерот кој е вработен во Националниот парк „Шар Планина”, при што истиот известил дека утрово екипа од Националнит парк се собирала во село Теарце, Општината Теарце, за да се упати кон местото на пожарот. Регионалниот ЦУК Тетово стапил во контакт и со директорот на Националниот парк и тој потврдил дека пожарот е се уште активен и дека се гледа од Теарце и Тетово, поточно дека се уште согорува и чади, стои во соопштението од ЦУК.

Оттаму велат дека за развојот на настаните се известени и силите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од ЦУК информираат дека ситуацијата се следи од вчера кога на единствениот телефонски број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена информација за шумски пожар во месноста „Камник” над село Теарце.

– Во моментот на вчерашниот увид, е констатирано дека била опожарена површина од околу 5-6 хектари од што дел била букова шума, а дел биле пасишта и папрат. На опожарената површина пред 4-5 години имало пожар и како последица на него има голем број паднати дрвја што сега гореле, велат оттаму.

Поврзани новости