Во време кога животот е сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат за да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив – драстично поскапување на парното греење од над 5 отсто, изјави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
-Ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти. Над 200.000 граѓани во Скопје ќе добијат зголемени сметки за парно, и тоа поради барање на државната ЕСМ – истата таа компанија што Владата ја контролира.
Треба на сите граѓаните да им биде јасно, само заради неспособност на Владата се покачува цената на парното кое можеше и требаше да биде спречено. Владата ветуваше евтин природен гас, но повторно излажа!
Наместо да набави гас во јануари, кога цената на гасот во Европа беше околу 40 евра за мегават-час, Владата на Мицкоски набави гас за неверојатни 65 евра за мегават-час! Ако Владата навреме се погрижеше за поевтин енергенс, ова покачување немаше да се случи. Но, неспособноста и корупцијата повторно ги плаќаат граѓаните – рече Шукова.
Според неа, квалитетот на парното е катастрофален.
-Радијаторите се млаки, чести се прекините во снабдувањето и оваа година имаме најслаб квалитет на испорачана топлинска енергија досега. Граѓаните плаќаат повеќе за услуга која е се полоша! Дополнително, ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа.
Граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што значи дека загадувањето ќе расте! Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, таа со оваа мерка ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија.
Во услови кога Скопје е прв на листата на најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот, ни здравјето на граѓаните не ѝ се приоритет – рече таа.