Штрајкувачите нема да земат плата – дали СОНК ќе им надомести?

by fokus

Наставниците во основните и средните училишта, како и воспитувачките и негувателките во градинките нема да земат плата, туку ќе им бидат исплатени само придонесите на платите.

Од Владата вчера соопшија дека согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите.

-Ова, прецизираат, произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок, велат од Владата.

Министерката за труд социјална политика, Јована Тренчевска вчера на Фејсбук напиша дека на работниците кои штрајкуваат работодавачот исплаќа придонеси на плата на најниската основица за исплата на придонеси, а нето плата може да им исплати организаторот на штрајк.

-Дали СОНК ќе ги надомести платите на наставниците, професорите воспитачите и негувателите, зошто Законот им дава таква можност? Или раководството на СОНК плата ќе си земат ама за членството ќе нема? Чланарина плаќа секој член, секој месец од плата има задршка за СОНК. Солидарно и праведно е сега кога штрајкуват, платата да им ја надомести организаторот на штрајкот, СОНК!, прашува Тренчевска.

Штрајкот во училиштата и градинките низ државава на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжува, поради што втора работна недела нема настава и згрижување на децата. Советот на СОНК вчера одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.

Поврзани новости