Штрајкот на просветните работници продолжува со исто темпо, иако денес околу 20.000 матуранти полагаат екстерно тестирање. И, покрај огромните притисоци и закани со кои се соочуваат наставниците и професорите, сепак штрајкувачите не го спроведуваат екстерното тестирање, а на нивно место се донесени заменски тестатори.
– Во училиштата каде што има наши штрајкувачи, а кои се во тие работни комисии, не го одржуваат екстерното тестирање. Тие си продолжуваат со штрајкот, а на нивно место се донесени заменски тестатори кои служат за да ги менуваат. Што точно се случува во моментот не можам да кажам, бидејќи се се одвива зад затворени врати. Исто така, немаме информација кој го прави тоа и кој ги носи заменските тестатори. Едно знам, дека повеќето наши членови штрајкуваат, а ни се приклучуваат и нови – вели изјава за „Фокус“, првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
Пред неколку денови на прес-конференција, тој истакна дека провладините медиуми водат кампања против генералниот штрајк на СОНК и нивното известување е непрофесионално, некоректно и полно со гнасотии.
– Се води невидена кампања за да се прикаже дека се штрајкува само во Куманово и Струмица, што не е точно. Знам дека и од денешната прес-конфернеција нема да излезе се, зашто информациите се подготвуваат во еден Центар за комуникации, пардон центар за шпекулации, лаги и невистини.Замислете, група читачи на подготвен текст бараат одговорност од претседателот на СОНК и членството. Тие читачи треба статутот да го прочитаат за да видат дека СОНК не е на претседателот, туку на членството. Штрајкот нема да престане додека членството не го побара тоа – тврдеше Неделков.
Откако започна генералниот штрајк на СОНК, просветарите се соочија со големи закани и притисоци, на нивните работни места беа донесени и заменски наставници, а дел од нивните колеги секојдневно читаа соопштенија, прашувајќи се зошто воопшто има потреба да се штрајкува. СОНК се одлучи на ваков чекор, откако не успеаја преговорите со Министерството за образование. Нивните главни барања беа 25 отсто зголемување на платите и укинување на екстерното тестирање во делот со казните.