Штрајк на турските здравствени работници

by Fokus

Здравствените работници во Турција денеска стапија во еднодневен штрајк барајќи повисоки плати и подобри работни услови додека се борат против пандемијата со Ковид-19.

Штрајкот во организација на Турското лекарско здружение (ТТБ), се одржа во повеќе од 20 градови и провинции, а учесниците носеа транспаренти на кои пишуваше „Бараме тоа што го заслужуваме”.

За време на штрајкот работеа само брзата помош и одделенијата за интензивна нега.

Штрајкот е предупредување за Владата и ќе има повеќе прекини доколку не се преземат мерки, изјави за германската новинска агенција ДПА генералниот секретар на Лекарската комора на Истанбул, Осман Кучукосманоглу.

Тој додаде дека Владата мора да воведе нова легислатива што ќе опфати подобри услови за сите здравствени работници.

Според Кучукосманоглу, просечните плати, заедно со дополнителните плаќања, се околу 9.800 лири (665 долари) за лекарите и 5.800 лири (394 долари) за медицинските сестри.

Во Турција дневно се регистрираат над 21.000 новозаболени лица од Ковид-19, а капацитетите на одделенијата за интензивна нега се пополнети 70 проценти.

Поврзани новости