Од денеска приватните специјализанти најавија генерален штрајк, а причина за штрајкот е што и покрај одржаниот протест на 27 март и остварената средба со министерот за здравство – Илир Демири, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.
– На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. По остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања – се посочува во соопштението.
Поради тоа, велат принудени се да го направат следниот чекор – пристапување кон генерален штрајк. Се најавува тој да трае сѐ до исполнување на нивните барања.
Од МЗ во четвртокот кажаа дека по средбата со приватните специјализанти, изготвен бил извештај и доставен е до Владата. На некоја од седниците, како што беше посочено, ќе дојде на разгледување со цел да се видат барањата и можните решенија во овој предизборен период.
На државните клиники работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26.000 денари, а едно од нивните барања е негово покачување на 40.000 денари.