Штом ВМРО бара укинување на „Пржинската Влада“, значи имаме демократија, вели Ковачевски

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку е време за справување со здравствената и енергетската криза, и за развој на економијата. Избори ќе има, вели, ама редовни, во 2024 година, до кога сите политички партии имаат време да постигнат консензус за укинувањето на „пржинската влада“.

-Во однос на прашањата што беа отворени во изминатиот период доминантно од опозицијата, ние како партија и јас како претседател на СДСМ и претседател на Владата веќе дадовме став дека во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици, а тоа е прво справувањето со здравствената криза, справувањето со енергетската криза. Имавме и справување со топлинската криза во Градот Скопје, а исто така имаме и отворен процес, активен, на разговори со нашиот сосед со Република Бугарија а со цел одржување на прва меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со ЕУ.  Оттаму сметаме дека оние прашања коишто не се во насока на исправување со најголемите предизвици само претставуваат дефокусирање од оние проблеми коишто се најважни да се решат за нашите граѓани, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање.  

Според  него, самото барање на опозицијата за укинување на „пржинската влада“ потврдува дека во државата има демократски амбиент, каков немало во времето кога е воведена таа влада, што, како што истакна, значи дека во тоа време имало заробена држава во која администрацијата и државниот апарат биле користени во партиски изборни цели.

Поврзани новости