За време на дочекот на Новата 2024 година на плоштад Македонија во Скопје ќе настапат три фолк пејачки од три генерации, Блага Петреска (76), Сузана Гавазова (44) и Стојне Николова (29).
Организаторот на програмата, Горјан Стојановски, кој е претседател на ,,Комора на музичка индустрија” вели дека спојот на сцената на овие три фолк дами, од кои секоја оставила траг кај одредени генерации, ќе и понуди на публиката забава за сечиј музички вкус.
Сузана Гавазова, која ја започна музичката кариера пред повеќе од две децении, и се уште е една од најангажираните фолк пејачки, вели дека се радува што ќе пее на плоштад за дочекот, и во Новата година ќе ја водело нејзиното мото – со труд и чесна работа може да се постигне се.
-Многу сум среќна што ќе пеам на плоштад Македонија во Скопје и што сум дел од цела таа новогодишна приказна. Со тоа што баш на дочекот на Новата година ќе пееме три дами, јас би рекла дека Новата 2024 година дефинитивно ќе биде плодна година, а тоа сите го посакуваме.
Успехот е нешто што не доаѓа само по себе. Бара многу труд, работа и посветеност, а веројатно и многу откажувања на патот кој води до него. Од се срце ви посакувам се најубаво во Новата 2024! Бидете здрави, среќни, весели, исполнети љубов и разумни, и ако сакате успех само со чесна работа и труд и ќе се постигне се. И запомнете дека на добрите луѓе, Господ им подарува само убави работи! – порача Сузана.
И Блага Петреска, која е присутна на сцената повеќе од пет децении, вели дека се радува што ќе пее на плоштад, а посебно и било драго што дочекот е организиран само со домашни изведувачи.
-Би сакала да им честитам на организаторите за оваа двонеделна програма со македонски исполнители, и се надевам дека нема да биде за последен пат. Само така ќе успееме од мали нозе да ги усмериме децата да си ја засакаат македонската музика, да ги пеат рефрените и да ги познаваат изведувачите.
Само така се сака својата земја, сплотени со љубов и сите заедно да придонесеме да не се иселуваат, туку да си останат дома, на своето огниште. Секаде шетав, се видов, ама како дома никаде не е – порача Петреска.
Покрај овие три фолк пејачки, за време на дочекот се најавени и настапите на Тин Камп, Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана, Влатко Миладиновски и Душко Георгиевски.
Вики Клинчарова