Од четири и пол месеци минимум, па до шест месеци максимум може да трае процесот на усвојување на уставните измени – најави денес претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите.
Тој не можеше да каже кога иницијативата за уставни измени од Владата ќе стигне во Собранието, но роковите ќе течат од тој момент.
Според Џафери, роковите за оваа процедура се стриктни, од тоа колку треба да трае секоја фаза, па до тоа колку минути секој пратеник ќе може да дискутира кога иницијативата за уставни промени ќе се најде на расправа во парламентот.
Тој ја отфрли можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот.
Според Џафери ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на алиби политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија.
Тој ја отфрли и можноста за покренување уште една паралелна иницијатива за уставни измени околу ваквите барања, нагласувајќи дека има пропишан рок колку време, односно години треба да поминат за да се покрене одново процес за уставни измени.
За Џафери нема никаква законска пречка расправата за уставните измени да почне иако не е обезбедена двотретинска поддршка за уставните амандмани. Како и претседателот Стево Пендаровски, и тој смета дека процедурата за утврдување на потребата од промена на Уставот може да почне, а наредните триесет дена, додека дојде во гласање, да се работи на обезбедување мнозинство за промените – поточно политичкиот дијалог да продолжи.
„Консензусот е неминовен во оваа процедура бидејќи за изгласување на потребата од уставни измени се потребни две третини од гласовите на пратениците, поточно за нив да гласаат 80 пратеници. Без тоа нема да помине“, порача Џафери, не гледајќи политичка драма во можноста да нема доволно гласови за да продолжи поставката за промена на Уставот.
Тој објасни дека бидејќи нема да биде првата постапка што не поминала во Собранието. Според него ништо не ги спречува партиите од опозицијата да покренат постапка за изгласување недоверба на Владата, ако сметаат дека треба.
Според него оваа иницијатива ги надминува интересите на мнозинството во парламентот и е во интерес на граѓаните и на државата.
„Во 2008-та година одлагањето на приемот во НАТО нѐ чинеше десет години. И не сум сигурен дека добивме на крајот подобро решение. Следното решение за почнување на преговорите со ЕУ ќе биде уште потешко, и тоа се работи што се јасни“, рече Џафери.
Тој додаде дека оваа генерација политичари треба да ја преземе одговорноста за идните генерации, за да бидеме, како што рече, таму каде што ни е место.
Според Џафери, ќе има барем две точки од уставните амандмани каде што, покрај двотретинско мнозинство, ќе мора да се гласа и со Бадинтерово мнозинство, при што во моментов 40 пратеници во овој собраниски состав се декларирале како припадници на друга етничка заедница надвор од македонската.
Тоа значи дека од тие 80 пратеници што ќе речат „за“ уставните промени 21 треба да бидат од другите етнички заедници.