Наставничка која предава стручен предмет во основно училиште во Неготино, вчера во 17.30 часот била лишена од слобода од страна на полициски службеници од ОВР Неготино.
Како што информираат од СВР Велес за ,,Фокус”, таа била приведена во полициската станица, откако била пријавена дека психички ги малтретирала учениците за време на настава. Од таму појаснуваат дека по документирање на случајот против наставничката Т.Ј.С. (48) ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во Неготино има две основни и едно средно училиште. Иако и во минатото се случувало ученици или родители да се пожалат на однесувањето на одреден наставник или професор, најчесто тие поплаки завршувале во кругот на училиштето, во разговор и консултација со тамошните стручни служби, и ова е прв случај кога наставник е пријавен и приведен во полиција.
Околу тоа што конкретно правела наставничката, дали малтретирањето се вршело кон помала или поголема група на ученици и се однесувало околу оценување, и дали родителите го пријавиле истото во полиција, ,,Фокус,, се обиде да дојде до одговори.
Како што појаснуваат родители на деца на кои им предавала наставничката, не станувало збор за строго оценување или било какви проблеми околу начинот на кој таа ги испрашувала учениците, туку позадината на настанот била друга.
-Ова е една навистина непријатна ситуација за сите нас, и за родителите, но и за учениците. Децата ни се пожалија дека наставничката деновиве им зборувала нелогични работи, нешта кои не се ниту дел од нејзината наставна програма, се обидува да им наметне некои идеи кои се косат со реалноста. И други наставници забележале чудно однесување кај наставничката, па во интерес на учениците, но и секако со најдобри намери кон наставничката, моравме да реагираме-велат родители.
Појаснуваат дека директорката на училиштето го пријавила случајот во полиција, а денес се одржала и родителска средба по повод случувањата.
Директорката на Основното училиште ,,Гоце Делчев”, Елена Стојанова, во разговор за ,,Фокус” го потврди настанот. Вели дека по добиени реакции од ученици и од родители, таа вчера го пријавила настанот во полиција. Појаснува дека станува збор за лице кое долг период, односно околу 17 години работи како наставничка, а однесувањето кое ги вознемирило учениците започнало пред неколку дена.
-Јас во својство на директорка на основното училиште го пријавив случајот во полиција, по што наставничката беше приведена во тек на вчерашниот ден. Според реакциите на учениците и нивните родители, станува збор за недолично однесување на наставничката, кое предизвикало вознемиреност и страв кај учениците.
Случајот е кај надлежните органи кои ќе треба да се произнесат дали овде имаме кривично дело, ние веднаш по реакциите и извршените разговори ги превзедовме потребните мерки. Во тек е и родителска средба во врска со настанот. Наш приоритет остануваат учениците и пружањето на соодветна и квалитетна настава-појасни директорката.
Вики Клинчарова