По големите шумски пожари што избија на повеќе места во земјава минатото лето, во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со засилена диманика профункционира работна група, која го разгледуваше прашањето за набавка на информативни системи за рана детекција на шумски пожари, движење на дрвна маса и мониторинг на дивеч, за изготвување на план за инвентаризација на шумите, за трансформација на ЈП „Национални шуми“…
–Работната група е формирана и веќе сме при крај како да се направи цела реформа – ни изјави тогаш министерот Аријанит Хоџа, додавајќи дека, во соработка со канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, во рамки на проектот ИПА во вредност од 1,3 милиони евра, се распишува јавен повик за проект за поддршка и трансформација во шумарството, во рамки на кој, како што посочија, со помош на странските експерти ќе се помогне во правец на трансформација на шумарскиот сектор.
Оттогаш помина повеќе од половина година, па до Министерството, каде во меѓувреме на чело се врати Љубчо Николовски, прашавме какви заклучоци произведе оваа работна група за реформи во шумарството и какви мерки и активности предвидуваат тие заклучоци, дали се предвидува набавка на системи на рана детекција на шумски пожари, што се предвидува за „Национални шуми“, кое, според анализата на ЕУ за одрживо менаџирање на природните ресорси, треба да се трансформира?
Како што ни одговорија од таму, работната група за реформи во шумарството, која е формирана поради општите состојби во шумарскиот сектор и зачестеноста на шумските пожари во државата, е потреба за ИПА Проектот „Поддршка на реформите во политиката и законодавството на шумарството во Република Северна Македонија“, финансиран од страна на Европската Делегација.
„Заклучоците кои ќе произлезат од Работната група за реформи во шумарството и меѓународните експерти, како резултат ќе ја дадат ревидираната Стратегија за одржлив развој на шумарството во Република Северна Македонија до 2026 година, новиот Закон за шумите, како и Програма со акциски план за реализирање на наведените стратешки документи“, велат од Министерството.
Во однос на системите за рана детекција на шумски пожари, од таму посочуваат дека нивна стратешка определба е приоритетот за воспоставување на систем за рана детекција на шумски пожари, што се планира да се реализира во рамките на ИПА 3 Проектот.
„Министерството аплицираше за Проект на мрежа на електрични индикатори (камери, сензори и сл,) за мониторирање на шумите во Република Северна Македонија од опасноста на загрозување од абиотски и биотски фактори. За овој Проект, Министерството, исто така, аплицираше и на Донаторска конференција, од која очекуваме позитивен исход“, објаснуваат од Министерството.
Во врска со „Национални шуми“, од таму додаваат дека одржливото менаџирање на природните ресурси и начинот на трансформација на јавното претпријатие според ЕУ-стандарди ќе бидат елаборирани и регулирани во новиот Закон за шумите, за чија што драфт-верзија треба да биде готова до крајот на август оваа година.
Инаку, една од причините поради кои минатогодишните пожари тешко се ставија под контрола се онеспособените антипожарни авиони, кои беа во дефект. После пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување склучи договор вреден 25 милиони денари за сервисирање на трите противпожарни авиони, но, како што веќе пишуваше Фокус, два од нив се уште чекаат сервис во Шпанија.
В.С.