Владата на Зоран Заев ги изневери граѓаните, што се виде на локалните избори, кои беа референдумско изјаснување против владата и нејзините политики. Останувањето на оваа влада после ваков изборен резултат, без кредибилитет, без јасна мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на напластените проблеми, ќе значи продолжување на политичката криза, надополнето со економска криза, енергетски шок, загрижувачки ковид-тенденции…
Меѓу другото, ова го содржи образложението на барањето за гласање на недоверба на владата, кое пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Беса и Левица го поднесоа до собранието, откако Заев не поднесе оставка. Воедно, овие партии наведуваат дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ во изминативе 5 години не донесе значајни резултати, туку, според нив, владее со пазарења на сметка за најважните прашања за народот.
„Наместо да го сочува достоинството на државата и нејзините граѓани, тие за секој одминат ден го потонуваат народот во сиромаштија, инфлација и афери што се мултиплицираат на дневна основа. Сведоци сме на криминал и корупција на власта, не постои функционален систем на владеење на правото и правна држава. Државата да излезе од постојаната криза, време е конфликтите и поделбите да престанат, време е за промени“, стои во иницијативата до парламентот.
Според Деловникот за работа на Собранието, прашање за доверба на Владата може да поднесат најмалку 20 пратеници, во писмена форма и со образложение. Потоа, спикерот Талат Џафери прашањето за доверба веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на државата. Притоа, роковите како тече постапката се многу прецизни.
Членот 215 од Деловникот предвидува дека за поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница, која се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето. Со други зборови, собраниската седница мора да се одржи во четврток, при што се води расправа и на крајот на денот се гласа. Ако на Владата и е изгласана недоверба, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа.