Што се смени за 5 години? Сиљановска-Давкова ветуваше дека ќе ги одбие привилигиите ако стане претседател, сега поддржува набавка на нов авион

by irena 10:41
10:41

„Нашиот владин авион е најстар и најмал. Колегите претседатели од регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт“, рече вчера претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и застана на иста линија со Владата и размислувањата за набавка на нов владин авион.

Сиљановска-Давкова смета дека користењето на владин авион во дадени ситуации е поисплатливо од комерцијалните летови, а секогаш имала дилема кога летала со него бидејќи било старо 25 години и е купено како половно летало.

Ова се коси со нејзиниот став од 2019 година кога беше кандидат за претседател и загуби на изборите од Стево Пендаровски. Во тоа време професорката од Правниот факултет во Скопје предупредуваше на бескруполозната и себичноста на Владата предводена од Зоран Заев дека не мисли на својот народ туку на своите потреби.

„Во план е набавка на нов и поголем авион за потребите на Владата и претседателот на Републиката. Во време кога здравствениот систем доживува колапс, службите на итната медицинска помош едвај функционираат со стари и нефункционални возила (чекајќи ја приватизацијата на секторот), државните функционери мислат само на својата удобност и безбедност, а тоа го оправдуваат со наводно зголемени потреби за патувања заради интеграцијата во НАТО и ЕУ. Ваквите потези сведочат за бескрупулозноста и себичноста на владејачката каста, која не работи за својот народ и не мисли на неговите секојдневни потреби.

Македонија, една од најсиромашните земји во Европа, сака да има ВИП авион кој ќе чини 20 милиони евра (плус одржување, пилоти, редовни тренинзи, и сл.) – и со тоа се легитимира како олигархија, во која управувачите ја злоупотребуваат моќта и државниот буџет за сопствени потреби.

Апелирам планот да се отфрли веднаш, а доколку станам претседател на Републиката, ќе одбијам вакви привилегии додека мојот народ нема за живот. Ако сакаме да се интегрираме во ЕУ, пример за европско однесување треба да дадат оние на власт, и да покажат скромност и почит и емпатија за оние кои живеат во сиромаштија“, апелираше тогаш Сиљановска-Давкова.

Идејата за набавка на нов државен авион неодамна ја отвори директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски. Образложението за купување на нов авион, е дека сегашниот владин авион е склон на чести поправки и е мал за со него да се превезува делегaција.

По реакциите во јавноста, вчера премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите рече дека Владата ќе се повлече од оваа идеја.

Од опозициската СДСМ денеска контра изјавата на претседателката за староста на владиниот авион. Велат дека не е точно дека летот со владиниот авион е поевтин од комерцијалните летови и тврдат дека постари владини авиони од нас имаат и Хрватска, Словенија, Црна Гора….
– Бидејќи староста на владиниот авион во Македонија е околу 20 години. Хрватскиот владин авион е постар – 27 години, словенечкиот авион исто така, 23 години, а двете земји се членки на ЕУ. Црногорскиот владин авион е исто така постар, 27 години, укажува СДСМ.

О.К.

Слични вести