На 9-ти јануари во полициската станица во Неготино 45-годишниот П.К. од Неготино пријавил дека од осми јануари, па до моментот на пријава, биле отруени неговото куче од расата германски овчар и други кучиња и мачки.
За настанот пишуваше и „Фокус“ кога очевидци и сопственици на кучиња кои имаат деловни објекти во индустрискиот дел на градот каде се случи масовната кланица на животни и во која беа отруени повеќе кучиња, мачки, но и гулаби, вознемирено раскажуваа дека трујачот редовно фрла отров, и еднаш, до двапати годишно остава пустош на улицата.
Од деловен објект во близина на местото каде беа отруени животните беа доставени снимки од безбедносните камери до полицијата, на кои се гледа осомничениот, лице познато на сите кои имаат објекти во близина, како го остава ќесето до контејнерот, (не внатре, бидејќи оставено на земја им е достапно на кучињата и тоа е пракса на трујачите), кучињата јадат од содржината, по десеттина минути сите почнуваат вознемирено да се движат кон друг објект каде има луѓе, кои се обидуваат да им помогнат на животните кои умираат во агонија.
По доставувањето на снимките, со судски налог беше подигнат трупот на едно од отруените кучиња и истото беше однесено на обдукција за да се утврди од што починало. Останатите трупови сопствениците ги оставиле покрај контејнерот, и вработените во ЈП Комуналец Неготино ги однеле. Подоцна правници известија дека не смее да се фрлаат трупови на отруени животни, туку мора да се повика полиција, и со судски налог да биде подигнато телото врз кое мора да се изврши обдукција.
По објавата на веста дека е снимен потенцијалниот трујач, граѓаните и здруженијата за заштита на животните реагираа дека се во очекување на расветлување на случајот, во надеж дека конечно во земјава ќе започне сериозно да се работи на овој проблем, и институциите ќе покажат дека се решени да стават крај на расфрлањето на ланате на јавни површини, што е огромна опасност не само за животните, туку и за луѓето.
Сега, кога е актуелно труењето со ланате на скопската фамилија, од кое една жена почина, а две лица се хоспитализирани, по десет месеци поминати од случајот во Неготино, ,,Фокус” се обиде да дојде до веродостојни информации што се случи со настанот кој ја вознемири неготинската и пошироката јавноста, и дали е поднесена кривична пријава против трујачот.
Од СВР Неготино не успеавме да добиеме одговор, но затоа пак од Основно јавно обвинителство Кавадарци излегоа со детали за настанот.
Според ОЈО Кавадарци, обдукцијата потврдила дека кучето било отруено со ланате, јак и брзоделувачки отров. Велат дека предметот е во предистражна постапка, доставени се докази во вид на видео снимки, но нема пријава.
Причина за тоа било што органот за идентификација на СВР Неготино не поднел кривична пријава, бидејќи како што појаснуваат од обвинителството, лицето не можеле прецизно да го идентификуваат.
Дали трујачот од Неготино снимен на камера е само уште еден од многуте во земјава кои поминале неказнето и дали и овој настан на масовно труење на животни ќе падне во заборав, до следното труење, прашуваат совесните граѓани.
Кога се случи труењето во јануари, многумина чии животни биле отруени реагираа дека во градот во секое маало има трујач, дека трујачите редовно оперираат и рафрлаат тежок отров, нелегално купен, и бараа сериозен пристап од институциите.
Правници за „Фокус“ истакнаа дека станува збор за кривично дело предизвикување на општа опасност од член 288, но и кривично дело мачење на животни од член 233. За кривичното дело предизвикување на општа опасност, каде законодавецот ја штити сигурноста и безбедноста на имотот и луѓето, полицијата и јавното обвинителство се должни да постапуваат по службена должност.
За предизвикување на општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а пак за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или затвор до шест месеци, појаснија правниците.
Вики Клинчарова