Што се предвидува новата Уредба за изборите?

by Fokus

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 15 јуни 2020 година, донесе:

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРИТЕ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА 15 ЈУЛИ 2020 ГОДИНА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредуваат прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година и се уредува примената на одредби на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20), како и прашања за примена на одредби од други закони кои се однесуваат на изборниот процес.
На изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 15 јули 2020 година се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Член 2

Дејствијата за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, распишани со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 43/20 и 159/20), не се спроведуваат за време на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до влегувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20) ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 72/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки.

Член 3

Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија ги превзема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

Член 4

Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, е должно да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик и тоа листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.
Органот надлежен за извршување на санкциите, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.

Член 5

Изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија започнува на 24 јуни 2020 година, при што 13 и 14 јули 2020 година се денови на изборен молк. Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите.
На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик. Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик. На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите. Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се превземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на Државната изборна комисија.

Член 6

Гласањето на 15 јули 2020 година започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 21:00 часот.
Полицијата го обезбедува гласачкото место непрекинато почнувајќи од 6:00 часот до 21:00 часот.
Објавувањето на резултатите од испитување на јавното мислење спроведено на денот на изборите согласно членот 77 став 3 не може да биде пред 21:00 часот.
Во 21:00 часот гласачкото место се затвора, а на гласачите кои се затекнале во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат.
Избирачкиот одбор не може да започне со броење на гласовите пред 21:00 часот.

Член 7

За време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.

Член 8

Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, обезбедува заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Член 9

Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.
Од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанок на траењето на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/19).

Член 10

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Поврзани новости