Веќе два дена на социјалните мрежи се објавува алеп за помош при пронаоѓање на исчезнато лице, Наташа Совраноски, 25-годишна жена по потекло од Охрид, на која и се изгубил траг на втори септември во Штутгарт, Германија.
Таа живеела таму со партнерот кој е Германец, со кого имаат ќерка на возраст од една година.
Во објавата даден е опис на младата мајка, и појаснето е дека последен пат била видена во 20.15 часот на втори септември.
Со цел да откриеме повеќе детали за настанот кој ја вознемири македонската јавност, ,,Фокус” го контактираше партнерот на Наташа, кој на слаб англиски јазик појасни дека ќе биде од помош доколку и во македонските медиуми се објави нејзина фотографија.
Кажа дека можеби таа е и во Македонија, но ништо со сигурност не знаел. На прашањата како се случило исчезнувањето и каде била забележана Наташа последен пат, тој не одговори. Кога побаравме контакт од нејзините родители, кажа дека татко и и брат зборуваат македонски, и живеат некаде во Македонија.
Исто така, на социјалните мрежи, тој објави фотографија од нивната ќерка, под која пишува дека и недостига мајка и.
,,Фокус” успеа да стапи во контакт и со таткото на Наташа, Милчо Совраноски, кој вели дека откако се објавил апелот, телефонот постојано му ѕвонел и роднини од сите краеви на светот го прашувале што се случило.
-Што да ви кажам, освен тоа дека нејзиниот партнер избрза со објавата која сега се споделува насекаде на социјалните мрежи. Наташа е возрасна и зрела жена, работи како обезбедување. Нејзиниот партнер, со кого имаат ќерка не е вработен, таа носеше се што е потребно во куќата.
Имаа несогласувања и проблеми, затоа и мислам дека таа своеволно си заминала. Можеби е на одмор, можеби е некаде каде се обидува да се среди, па ќе дојде да си ја земе ќерката…
Јас знам дека ќерка ми е одговорна личност и тоа што не се јавила никому, значи дека тоа е нејзин избор, таа најверојатно не сака сега да разговара со никого.
И во минатото се случувало, на пример да оди на одмор со пријателки, а да не ми јави, тоа не е ништо чудно, бидејќи е возрасна жена.
Во случајов, кога една жена има проблеми со партнерот, многу нормално е да си замине, наместо да седи и трпи, вели таткото на Наташа, кој живее во Охрид.
Појаснува дека тие семејно се преселиле во Италија во 2001 година, а потоа заминале во Германија. Во Германија сега живеела мајката на Наташа, со која тој порано бил во брак.
-Знам дека тој ги известил мајка и и други роднини дека ја нема, не знам дали сигурно пријавил во полиција во Германија. Според мене, Наташа не сака контакт со никого, и тоа треба да се почитува. Ќе ја информирам јавноста кога ќе имам новости, иако сметам дека не требаше јавно да оди целата приказна, изјави Совраноски.
Вики Клинчарова