Што сакате пишете, кажа синдикалниот лидер Перчаковски, за обвинувањата дека физички нападнал жена вработена во РЕК Битола

by Fokus

Васко Перчаковски, синдикален лидер на гранковиот Синдикат за енергетика, рударство и индустрија на Македонија, бил пријавен во полициското одделение Новаци дека физички нападнал 34-годишна жена од Битола, вработена во државното претпријатие РЕК Битола, каде тој и бил претпоставен.

,,Фокус” неофицијално дознава дека тој моментално бил суспендиран, а со цел да добиеме информации за настанот, телефонски го контактиравме синдикалниот лидер Перчаковски.

-Пишете што сакате! Јас веќе поднесов кривична пријава за порталот Апла.мк, кој објави снимен разговор. Како смее некој да снима и да објавува такви снимки? Ништо не кажувам за настанот повеќе, еднаш кажав, кој што сака нека си пишува – ни изјави Перчиновски.

Имено, според порталот Апла.мк, до нивната редакција бил испратен материјал на кој се слуша како машки глас се заканува кон жена со зборовите – Станувај од тука, да не те гледам, да не те фатам за коса, онаму ќе те акнам! Кој ти е шеф, јас сум ти шеф на смената. Не сакам да ја гледам, до мене нема да работи!

До нивната редакција пристигнале и фотографии од отечената рака на жената, а Перчаковски им изјавил дека немало физички напад, туку само вербална расправија, бидејќи барал жената која го пријавила, да не биде во неговата смена.

Од СВР Битола за ,,Фокус” потврдуваат дека во ПО Новаци на 12-ти јули, А.С. (34) од Битола пријавила дека била физички нападната од страна на нејзиниот претпоставен В.П. (54) од Битола.
Додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости