Квалитетен животен стандард – нов циклус на економски раст, фронт против корупцијата, владеење на право во институциите, функционален институционален систем, национални приоритети, права и слободи – ова се шесте столбови на Програмата за работа на новата Влада за периодот 2024-2028 година, која мандатарот Христијан Мицкоски ја достави до Собранието заедно со список на идните министри.
Мицкоски се опкружува со блиски соработници во Владата – што откриваат нивните биографии?
„Создаваме Влада која е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија. Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државна власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото“, стои во Програмата, каде се наведува дека економскиот раст има централно место, дека образованието и здравството се високо на агендата, како и дека посветеноста за евроинтеграции, меѓуетнички односи и добри односи со соседите останува цврста.
ЕКОНОМСКИ РАСТ
Во делот за економски раст, стои дека се предвидуваат стабилни јавни финансии, поддршка за иновациите и конкурентен приватен сектор, продуктивни и високоплатени работни места, национален план за демографија, развиено земјоделство и инфрастурктура…
„Доколку не се случат непредвидени политички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво, постојат услови започнувајќи од 2025 година растот на БДП да се движи од 3 до 5 отсто“, стои во Програмата.
Воедно, се додава дека се планира постепено намалување на буџетскиот дефицит на под 3 отсто од БДП, што ќе биде поврзано со повисоките капитални инвестиции во транспортната и комуналната инфраструктура, во енергетски капацитети и во образовната и здравствената инфраструктура.
„Владата, при непостоење на дополнителни надворешни шокови, очекува во периодот 2025-2028 година просечната стапка на инфлација да изнесува 2-2,5 отсто“, стои во Програмата, каде уште се наведува дека целта е до 2028 година невработеноста да падне на 7,5 отсто преку 55.000 нови работни места за 4 години.
ФРОНТ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА
Во сегментот за борба против корупцијата, новата Влада во Програмата ги предвидува слениве цели: независни, транспарентни и одговорни правосудни органи, заштита од судир на интереси и непотизам во судско-обвинителскиот систем, европски стандарди во сите закони, ефикасни управни постапки…
Воедно, пишува дека ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред Уставот и законите и незаконски се богателе на грбот на граѓаните, но, исто така, се ветува „правда за неправедно осудените во политички монтирани случаи“.
„Владата ќе понуди нови системски решенија за трансформирање на правосудните органи во вистински, независни, транспарентни, одговорни и ефикасни субјекти кои се темел за едно нормално демократско општество. Владата ќе се посвети на ослободување на судството од стегите на извршната власт…“, стои во Програмата.
Во таа насока, идната Влада предвидува распуштање и реформа на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, при што ќе се предвидат законски критериуми кои треба да ги исполнуваат новите членови предложени од Владата и Претседателот на државата.
Исто така, се најавува ревизија и испитување на целокупното работење на веќе згаснатото СЈО, при што посебно внимание ќе се посветело врз загрозување на човековите права во постапките, прекршување на процесните закони, евентуални злоупотреби со финансиски средства…
ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВО
Во делот за владеење на правото, пак, се предвидуваат реформи во политичкиот систем, реформа на јавната администрација, развиени локални самоуправи. Како што пишува во Програмата, политичкиот систем има „насушна потреба од демократска реформа“ и дека Владата ќе се залага за принципот „национален консензус“.
„Владата ќе ги поддржи сеопфатните дискусии во Собранието за уставни измени за Собрание од 90 пратеници, како и системски реформи за воведување на една изборна единица со изборен праг по примерот на други европски држави, укинување на изборниот цензус за избор на Претседател, укинување на техничката влада за спроведување на избори, можност за разрешување на градоначалник“, стои во Програмата.
Воедно, се додава дека Владата ќе изврши оптимизација на институциите, во смисла на укинување на позициите заменик директор, намалување на бројот на управни и надзорни одбори и создавање на централизиран систем на заеднички административни и логистички работи во помалите институции. Исто така, се ветува укинување на т.н. балансер при вработување во администрацијата.
„Предвидуваме скратување на 10 отсто од вкупниот број на државната управа, институции и јавни претпријатија“, ветува новата Влада, посочувајќи дека ќе бидат предвидени и механизми за адекватно вреднување на трудот на административните службеници, како и можност за нивно унапредување и наградување.
ФУНКЦИОНАЛЕН СИСТЕМ
Понатаму, со сегментот за функционален институционален систем опфатени се здравствениот систем, образованието, животната средина, социјалната грижа, пензиите.
Имено, за здравството се предвидува вложувања во кадровска екипираност, медицинска опрема и инфраструктура, додека ќе се внимава на регионализацијата со цел здравствените услуги да им бидат достапни на сите и ќе се спроведе дигитализација (здравство без хартија).
Во однос на образованието, пак, Владата ќе предложи национална образовна стратегија, која треба да биде водич за развој на наставните планови, програми и методи, за учебниците, дигиталните содржини и ресурсите што ја подобруваат наставата.
Во врска со животната средина, приоритети ќе бидат план за чист воздух, управување и третман со отпадот и водните ресурси, заштита на националните паркови, зазеленувањето на градовите и планините, борба со урбаната бучава…
Фокусот на социјалната заштита, пак, ќе биде врз борба против сиромаштијата, вклученост на лицата со попреченост и грижа за пензионерите. Притоа, се најавува дека пензиите ќе бидат покачени за 5.000 денари во првата година.
НАЦИОНАЛНИ ПРИОРИТЕТИ
Што се однесува до националните приоритети, Владата во Програмата се обврзува дека стратегиска цел ќе биде полноправно членство во ЕУ. Патем, се наведува дека Владата ќе биде одговорен партнер во меѓународните односи и фактор на стабилност, како и активен чинител на меѓународната сцена.
За таа цел, се превидува национална стратегија, чии основни цели ќе бидат: градење држава за почит, одбрана на македонските национални интереси, целосно кадровско екипирање во МНР, како и градење на конзистентна надворешна политика.
Во тој контекст, Владата се обврзува дека ќе се залага за изнаоѓање на соодветно решение во прилог на реално придвижување во процесот на европска интеграција, без притоа да се прифати диктат од трети земји.
„Во насока на изнаоѓање на можни решенија по однос на прашањето за уставни измени, кое веќе е поставено како услов за почеток на преговорите со ЕУ, Владата ќе понуди легални и легитимни можности и предлози во согланост со меѓународното право и принципи.
Овие предлози ќе создадат услови за поголема предвидливост на евроинтегративниот процес, заштитен од нерационални барања, за истиот да резултира со полноправно членство“, стои во Програмата, каде се додава дека ќе се вложат напори да се обезбедат гаранции за заштита на македонскиот идентитет.
Интересно е што идната Влада во делот на одбрана и безбедност предвидува формирање на координативно тело за борба против организираниот криминал и корупција, додека се предвидува спојување на Агенцијата за национална безбнедност и Агенцијата за разузнавање во една „модерно безбедносно-разузнавачка служба“.
ПРАВА И СЛОБОДИ
На крајот, во последниот дел за права и слободи акцентот се става врз меѓуетничките односи, каде се предвидува развој на мултиетничката кохезија и поддршка на мултикултурните вредности. Потоа, се предвидуваат мерки за жените, младите, а опфатена е владината транспарентност, граѓанскиот сектор, како и медиумите.
Инаку, идната Влада во Програмата се обврзува дека целта ќе и биде заштита и промоција на различноста на културните изрази во медиумскиот простор, вклучително и на интернет-порталите, преку јасни медиумски политики.
„Ќе отвориме дебата со сите заинтересирани страни за измена на законските одредби за да се обезбеди конкурентност, одржливост и плурализам на медиумскиот пазар, унапредување на економскиот и социјалниот статус на новинарите, правна сигурност, еднаквост и недискриминација…“, стои во Програмата.
Во следните години, токму новинарите треба да следат и известуваат дали и колку идната Влада ќе ја исполнува Програмата за работа, како во делот за медиумите, така и во сите други области.
Влатко Стојановски