Што понатаму?

by Фокус

Очигледно е дека се откажавме од европскиот пат. Во меѓувреме, празнотијата на политиката ја пополнуваме со довикување преку плот. Ти си! Не сум јас, туку си ти!!! А болните на Онкологија, наместо да си ја гледаат маката, мора да ги слушаат оние што крцкаат од здравје како гризат за да им докажат дека ете тој, Филипче, е крив што нема лекови, што Клиниката е во очајна состојба!

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Е, ајде де! Тргајте, не дремете! Ете ви ја долгоочекуваната политичка влада во Бугарија! Сега е моментот да нагазите. Да ги убедите Бугарите да ви прифатат барем одложена примена на уставните промени, таа чудесна научна „направија“, смислена во некое ќоше на политичките поклоници, уставотворци од професорската фела на „Јустинијан Први“.

Добро, нема веќе да ја потсетувам оваа влада на таа „иновативна“ идеја, околу уставните измени со одложено дејство зашто претпоставувам дека и на Мицовски веќе му е јасно дека, кога се работи за таа материја, воопшто, за уставите, или ним слични документи, меѓународното право не трпи таков егзибиционизам.

Но, ајде да пробаме. Мицкоски и тајфата нека се обидат уште еднаш, нека си ја чучнат бугарската влада на преговарачката маса (не в скут како што се надеваат „патриотите“) и нека побараат одлагање на важноста на евентуалните уставни измени, па нека се види конечно на што ќе излезе работата: или џа, или бу!

„24 ЧАСА“ НА ТРАМП

Ако новата бугарска влада, по некое чудо, прифати таква формулација, тогаш на нашиве ептен ќе им се замрсат конците. Во таков случај, логично е дека би дошло до некоја форма на затоплување на односите меѓу Македонија и Бугарија.

Е, сега, тоа „затоплување“ може да налути некој друг сосед со кој негуваме блиски и топли добрососедски односи. Можно е оттаму да дувне некој северец, па Мицкоски да се најде на бришан простор.

Но, за него и за дел од владата (албанските функционери не се во тој пакет), важно е да не продолжат преговорите со ЕУ. Кој ќе ги слуша Европејциве да им попуваат кога ќе се отвори поглавјето 24 околу владеењето на правото и борбата против корупцијата и кој ќе ги трпи кога ќе почнат да се загледуваат и во нивниот двор и кога без пардон ќе им ја нарушуваат нивната интимност и спокојна изолираност.

Помина доволно време владата да се соочи со реалноста, која од ден на ден станува сѐ понеизвесна и сѐ поопасна, во светски рамки. Поминаа и „дваесет и четирите часа“ на Трамп за да ја оконча војната во Украина, а поминува и моето верување во тие зборови на Трамп од предизборието, кога така слепечки се фатив за таа сламка, сакајќи да верувам дека тоа е можно, дека војната во Украина набргу ќе се смири.

Добро, може и јас еднаш да ја утнам, нели? Но, не премногу, зашто Трамп, сепак, беше единствен од западната сфера на политичари што побара прекин на војната. Симболичните „24 часа“ даваа надеж. Другите политичари, вклучувајќи ги, пред сѐ, оние од Европската Унија, целата концепција ја градеа и сѐ уште ја градат на дотур на оружје и на распалување на војната, која набргу може многу лесно да се прелее и низ просторите на Источна Европа, па и повнатре, накај центарот на континентот.

ЕВРОПСКИОТ ПАТ

А, што правиме ние? Очигледно е дека се откажавме од европскиот пат. Во меѓувреме, празнотијата на политиката ја пополнуваме со довикување преку плот. Ти си! Не сум јас, туку си ти!

А болните на Онкологија, наместо да си ја гледаат маката, мора да ги слушаат оние што крцкаат од здравје како гризат за да им докажат дека ете тој, Филипче, е крив што нема лекови, што Клиниката е во очајна состојба!

Ако е крив, си има надлежни за тоа да го процесуираат и да го докажат. Крив-прав, тој сега ниту може да им помогне, ниту може да им одмогне. Владата и министерствата треба да си ги засукаат ракавите и итно да преземат нешто, а не само да држат прес-конференции и да блебетат во празно.

Зашто времето си врви. Владата на Мицкоски, омилената кај народот, веќе го почна второто полугодие од првата година на власт, ама тој народот некако недоветен пак си ја врти старата плоча: „скапотија, загадување, ѓубре, сиромаштија, општо незадоволство…“ Никој не е задоволен.

Ни земјоделци, ни тутунари, ни оризари ни граѓани, ни селани… а најжално е што останаа заборавени и незадоволни најверните, чесните вмровци, кои сега, откако се освои власта, никој не ги есапи.

Поврзани новости