Што открива цело психијатриско вештачење: И семејна трагедија стана оружје за напад врз министерката за одбрана!

Во извештајот се наведува дека обвинувањата на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ дека крие вреден имот и предизвикале душевна болка на министерката Славјанка Петровска, но воедно му предизвикале и психички стрес на нејзиниот татко, бидејќи неодамна починале двајца членови на нивното најтесно семејство.

by Фокус

Политичката пресметка меѓу Драган Ковачки и Славјанка Петровска преминува од обид за разоткривање на потенцијален корупциски скандал во лична дисквалификација преку наводи за здравствена состојба. „Фокус“ го обезбеди целосното вештачење на Петровска, изготвено за судската постапка што ја покрена против Ковачки, поради обвинувањата дека поседува луксузна хациенда. По согласност од Петровска, во последниот број на неделникот ја објавивме цела содржина од извештајот чии делови изнесе Ковачки, со цел јавноста да добие комплетна слика и да донесе суд дали станува збор за злоупотреба или доминира јавен интерес. 

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Веќе подолго време се води вербална војна меѓу министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и членот на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Нивното препукување кулминираше на последната собраниска седница за пратенички прашања, кога пратеникот Ковачки читаше детали од психијатриско вештачење изготвено за министерката Петровска, од кое, според него, произлегува заклучок дека таа не е способна за вршење на јавната функција.

Чувствува бесцелност на својата активност и залагања и цели 3 месеци има повторувачки слики. Опседната е, постојано е напната, често има немир и нарушен сон. Има оптоварен мисловен процес и ѝ е пропишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи – рече тој на собраниската говорница, додавајќи дека Петровска не искористила ниту еден ден боледување.

Притоа, Ковачки го праша премиерот Димитар Ковачевски дали смета дека поради ова Петровска треба да биде разрешена од министерската функција? Наместо од Ковачевски, тој доби одговор директно од министерката, која ги потврди наводите од вештачењето, но воедно порача дека е здрава и стабилна.

Да, точно е тоа што го прочитавте и тоа е вештачење за состојба што ми ја предизвикавте лично вие, со лагите што континуирано ги пласиравте за мене. Тоа беше моја поранешна состојба поради вас, за која ќе го запознам судот во постапката што ја водам. Јас сега сум добра, како што гледате… – возврати Петровска.

Инаку, станува збор за психијатриско вештачење за потребите за судската постапка што ја покренала Петровска, која смета дека е наклеветена од опозиционерот Ковачки, кој тврдеше дека таа крие имот. Тој посочи дека станува збор за огромна куќа во Радишани со двометарска ограда и базен, за што приложуваше фотографии и документи од катастарската евиденција.

Сепак, Петровска ги демантираше ваквите тврдења. Како што рече министерката, имотот за кој говори Ковачки никогаш не го поседувала. Единствено, како што нагласи, поседувала плац, кој со уредно склучени договори за купопродажба е отуѓен, односно продаден пред повеќе од десетина години.

Откако не доби извинување од Ковачки, кој со уште посилен интензитет продолжи да ја обвинува Петровска дека имотот во Радишани е токму нејзин, таа поднесе тужба до граѓанскиот суд, а  за потребите на судската постапка побарала и обезбедила психијатриско вештачење, кое било проследено и до Ковачки како тужена страна.

Секогаш е дискутабилно дали е етички во политичка битка да се користат факти за здравствената состојба на лице, макар и тој бил јавен функционер, кој по правило треба да биде поизложен и потолерантен? И, дали во случајот се работи за злоупотреба на лична и приватна состојба или, пак, доминира јавниот интерес?

Токму преку јавниот интерес, ВМРО-ДПМНЕ го оправдува објавувањето на податоци за здравствената состојба на министерката за одбрана. Според опозициската партија, не држи тезата дека Ковачки злоупотребил дијагноза за Петровска, бидејќи, како што истакна партиската портпаролка Марија Митева, таа сама си го нарачала вештачењето.

„Фокус“ дојде до вештачењето на Петровска, од кое дел во јавноста презентираше Ковачки. Кога веќе се користат фрагменти од овој извештај во рамки на политичка битка, што се оправдува со постоење јавен интерес, одлучивме во последниот број на неделникот да ја објавиме целокупната содржина од документот за министерката за одбрана. Таа вели дека нема ништо против, бидејќи нема што да крие.

Доаѓа сама. Се поплакува на чувство на напнатост, вознемиреност, тешкотии со сонот, чувство на засраменост од состојбата во која се наоѓа. Наведените тешкотии се јавиле од пред неколку месеци по стресен настан. Таа била вербално нападната на прес-конференција и на ТВ-програма во живо од за неа познато лице“, стои меѓу другото во извештајот изработен на 16-ти февруар годинава.

Потоа, се додава дека на Петровска ѝ било ирационално да објаснува и докажува дека обвинувањата кон неа се лажни. Многу колеги, пријатели и роднини ѝ се јавувале да ѝ изразат поддршка и да ја споделат згрозеноста од повредите на нејзината чест, углед и достоинство. Но, некои од луѓето биле љубопитни, други лицемерни, додека трети не го ни криеле чувството на задоволство и пакост.

Разговорите воопшто не ѝ помагале. Се чувствувала навредено, извалкано, дисквалификувано. Била преставена како лажлива и примитивна личност. Следните денови била со намалена волја, внимание и концентрација и со непријатни мисли. Морала да вложува додатни напори за да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала“, стои во извештајот.

Покрај тоа, во него се сретнува и податок за голема семејна трагедија, која, во контекст на обвинувањата од Ковачки, имала дополнителен негативен ефект врз душевната состојба на Петровска. Поточно, нејзиниот брат починал во сообраќајна несреќа во 2012 година, а 5 години подоцна, во 2017 година, починала и нејзината мајка од срцев удар.

Особено тешко биле доживеани клеветите од страна на нејзиниот татко, кој е всушност нејзиното семејство. По губитокот на синот во трагичен настан и по губитокот на сопругата, ова му бил нов психички стрес“, стои во извештајот, каде што уште се наведува дека Петровска боледувала од белодробна тромемблија и хроничен гастритис.

На крајот, утврден е психијатриски наод дека Петровска одржува контакт на задоволително ниво, расположението е уредно, но воедно е психомоторно напната и анксиозна, а имала и проблеми со сонот. Притоа, се заклучува дека изнесените тврдења на Ковачки кај неа предизвикале „интензивна душевна болка“, која потоа преминала во „средно интензивна душевна болка“ и „лесна душевна болка“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости