„Што направивме, бе“!?

Зборовите на Васо, „Што направив, бе“, кога го здогледал безживотното тело на младата девојка Фросина, без оглед на висината на казната, ќе го прогонуваат целиот живот. Од момче со „педигре“, или од современо функционално семејство, кое ги имало сите предуслови да ужива во животот, стана аздисано момче со крв на рацете.

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Казна затвор од 20 години му е досудена на младиот Армин Берберовиќ од Сараево. Кобниот 26 мај, под дејство на алкохол и дрога, со одземена возачка дозвола, со брзина над дозволената, на пешачки премин, Берберовиќ ги прегази и уби лекарките Азра Спахиќ и Алма Суљиќ, на возраст од 25 и 26 години.
Судот во Сараево, пред еден месец, за првпат ја изрече предвидената максимална казна за сторена сообраќајка со смртни последици.

Родителите на убиените девојки изјавија дека убиецот ја добил максималната казна, но тие доживотната, бидејќи до крајот на животот ќе страдаат и жалат за своите чеда. Сепак, како што велат, се надеваат дека досудените 20 години во иднина ќе влијаат врз тоа несовесни возачи да не седнуваат зад волан, па само така смртта на нивните девојчиња нема да биде залудна и ќе спаси други животи.

Трагедијата од центарот на Сараево, за жал, по неколку месеци се преслика и во центарот на Скопје. И тука момче на 20 години, без возачка дозвола, пијан, со брзина над дозволената, на пешачки премин и на црвен семафор ја усмрти 22-годишната студентка Фросина Кулакова.

Ниту една казна затвор нема да биде доволна за да ја ублажи доживотната болка на најблиските на Фросина. Но, и според нашето законодавство, на „возачот“ Васил Јованов му се закануваат од минимални 4 до максимални 20 години. Кривичното дело го сторил со умисла, а не од небрежност, бидејќи свесно возел без возачка, свесно се напил, свесно поминал на црвено, свесно летал наместо да застане, па поради сето тоа и бил свесен дека може да убие.

Неговите зборови „Што направив, бе“, кога го здогледал безживотното тело на девојката, без оглед на висината на казната, ќе го прогонуваат целиот живот. Од момче со „педигре“, или од современо функционално семејство, кое ги имало сите предуслови да ужива во животот, стана аздисано момче со крв на рацете.

„Што направивме, бе“, пак, засекогаш ќе им одѕвонува во ушите на неговите родители. Можеби давале сѐ од себе да го изнесат на вистинскиот пат, но да му купиш и да му дозволиш да вози автомобил, иако немал возачка дозвола, е исто како да си му ставил пиштол в раце. За ова оправдување и разбирање едноставно нема!

А не било првпат и не било инцидентно.
И претходно го ваделе од калта. Пред две години, исто така, возел без возачка и повредил девојка. Тогаш имал среќа повредената да не бара кривичен прогон, па бил казнет само парично.
И да, најлесно е да судиш од страна, но легитимно е и прашањето, зошто тогаш родителите не го виделе жолтото светло и не подзастанале малку?

Светлото за предупредување трепкало и кога полицајци го фатиле со марихуана во џеб и вага за мерење во автомобилот. Ама и тогаш се извлекол под превезот на денешната секојдневна младина, која одвреме-навреме знае да запали џоинт.
Но, пред само шест месеци се вклучило и црвеното светло на семафорот. Го фатиле и го осудиле за дилање марихуана и кокаин!
Дека не е обична тинејџерска аздисаност, говори и фактот што три месеци поминал во притвор.

И наместо да застанат и тој и неговите родители, додека ја чекал правосилноста на казната, поточно, воспитната мерка, продолжил како ништо да не се случило.
Повторно седнал во автомобилот, се напил и летал низ Партизанска како да е нивата на татко му и ја усмрти Фросина. Таа, ни крива, ни должна, иако ги почитувала правилата, настрада.
Запрела на црвено и поминувала на пешачки премин кога се вклучило зелено. Сѐ по пропис и закон, но, сепак, не доволно за свет во кој владее беззаконие.

Согласно законските прописи, и судијката Даниела Алексовска- Стојановска му пресудила на Јованов. Сакале да прифатиме или не, таа не излегла надвор од она што ѝ го дозволува законот.
Како на помлад полнолетник му досудила воспитно-поправна мерка во траење од 6 месеци до 5 години наместо затворска казна. Со тоа автоматски притворот бил прекинат.

Но, и доколку казната била затворска, сепак, и тоа не би било гарант дека мерката притвор ќе опстоела. Многу веројатно е дека и во тој случај правосилноста ќе ја чекал на слобода.

Разбирајќи го сиот револт и насобран гнев кон правосудниот систем, сепак, ќе си дозволам да заклучам дека намерата на судијката била, барем во тој момент, добронамерна.
Сакала да му даде уште една шанса на младиот деликвент. Таа пред себе имала негово чисто досие. Добила евиденција дека дотогаш не бил осудуван, ниту против него се води друга кривична постапка.
Го гледала како млад човек, кој за првпат се судрил со законот. Таа сметала дека со упатувањето во воспитно-поправен дом ќе се постигне целта на казнувањето и ќе влијае воспитно. Тоа и го образложила во пресудата.

,,Ваквиот вид кривична санкција, овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела, пред сѐ, од воспитен карактер, обвинетиот да размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од консумација на ваков вид дрога, кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“.

Но, наместо да почне да чекори по прав пат, Васо продолжува да гази по старите стапки, не во смисла со продажба на дрога, туку во аздисано и необѕирно однесување.
На ова алудирало и обвинителството, посочувајќи дека со тоа што обвинетиот не признал вина, пропуштил можност доброволно да ги прифати последиците.

„Обвинетиот пропушти можност да нѐ убеди нас како претставници на системот, особено судот, дека го сфатил значењето на своите постапки и дека е подготвен да преземе одговорност. Напротив, во текот на целата главна расправа, тој покажа манипулативно однесување и негирање на материјалните докази, а манипулативно однесување и кон вербалните докази. Од друга страна, неспорно е дека обвинетиот е многу млад и досега не бил во судир со законот…“.

Барајќи и други виновници, погледот оттука се насочува кон Апелација. Овој суд требало да ја потврди или коригира одлуката на судијката.
На прв поглед се поставува прашањето што чекал второстепениот суд шест месеци, бидејќи сѐ уште нема одлука? Но, и тука математиката не е толку проста.
Точно е дека првостепената одлука е донесена во јули, но таа во рацете на Апелација стигнала на 7 ноември. Потоа, според процедурата, од Апелација е пратена во Вишото обвинителство, а оттаму е вратена на 27 ноември. Тоа значи дека Апелација ја има 2 месеца, а не половина година, како што се смета на прва.

Во потрагата по виновниците, се пуштија и партиите, кои бесрамно, на уште една несреќа се обидуваат да спечалат политички поени. Паушално удрија по судијката, меѓусебно обвинувајќи се од чие тефтерче произлегла.

Како и да е, заклучокот е дека виновници има многу. Многу недолжни деца ни загинаа почитувајќи ги правилата на улица. Оние, пак, што ги кршат, најчесто се извлекуваат без соодветна казна.

Не беше многу одамна, кога Кичеец, додека бил на пауза од затвор, усмрти татко на две мали деца и повреди уште седуммина нечии деца, браќа и сестри.
Како казна доби само шест месеци затвор, иако и тој тргнал со умисла дека можеби ќе убие некој. Свесно претекнувал на полна лента!

Најголемата досега досудена казна, пак, е 8 години. Имено, првостепениот суд му досуди 18 години затвор на велешанецот Ангелчо Николов, кој ја прегази и усмрти 11-годишната Магдалена Иванова, а ја повреди нејзината мајка по што избега. И оваа несреќа беше на пешачки премин, со пијан возач, без дозвола. Потоа Апелација драстично му ја намали казната за цели 10 години.

Затоа народот со право се обедини и излезе на улица да бара правда, бидејќи одамна веќе не верува во системот. Но, по пат не треба и да заборавиме дека за туѓите грешки сме најстроги обвинители и судии, а за сопствените најдобри адвокати.
Затоа, да не бидеме лицемерни и сите најпрво да си го впериме прстот кон себе и да се прашаме: „Што направивме“? Потоа, се разбира, секој ќе си го носи својот крст.

Во случајот, Васо и неговите родители го имаат најголемиот. Засекогаш ќе треба да живеат со помислата дека поради нив згасна ѕвезда, која допрва требаше да сјае најсилно, а го оставија во најголем мрак нејзиното семејство.
И не, не велам дека тие го посакале тоа, но во обидот да ги презаштитиме нашите деца наместо да ги оставиме да се соочат со последиците, им ја правиме најлошата можна услуга. Тогаш веќе е доцна за прашањето: „Што направивме, бе“?

Забелешка: Коментарот е објавен во неделникит ,,Фокус” на 5 февруари, пред одлуката на Апелација и пред прес конференцијата на родителите на Јованов.

Поврзани новости