Што му се нуди на Неготино на изборите?

by Fokus

Помеѓу двајца кандидати за градоначалник ќе имаат можност жителите на Општина Неготино да избираат на претстојните избори. Актуелниот градоначалник Тони Делков од СДСМ и д-р Горан Стојанов од ВМРО ДПМНЕ се опциите кои се на утврдената листа. Делков (44), кој се бори за втор мандат, е поранешен спортист и има сопствен бизнис.

Кога пред четири години се кандидираше за градоначалник, за ,,Фокус” раскажа дека цели 14 години работел во Фабрика за кабли, започнал како магационер, напредувал во комерцијалист и бил задолжен за продажба на кабел.
-Денес сум сопственик на две фирми, од кои едната функционира со финансиски обрт речиси пет пати поголем од Буџетот на Општината. Во моментот имам пет вработени лица, и сакам да посочам дека сме на добар пат на остварувањето на ветувањето на СДСМ за просечна плата од 500 евра, бидејќи платите на моите вработени се движат околу таа сума-раскажуваше тој во предизборната трка во 2017 година, кога негов противкандидат беше Златко Пенков од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Сегашниот кандидат за градоначалник од ВМРО ДМПНЕ и коалиција ,,Обнова на Македонија”, д-р Стојанов (43), е интернист и раководител на итната медицинска помош. За време на најголемите бранови на пандемијата од Ковид 19 бил одговорен за Ковид центарот во Неготино. Беше член во Советот на општината од 2009 до 2013 година.Сопруг е и татко на две малолетни ќерки.

Според листата на кандидати за членови на Совет на Општина Неготино, граѓаните ќе можат да избираат од понудените шест, и тоа:

Роза Јаневска е носител на листата на ВМРО ДПМНЕ и коалиција ,,Обнова на Македонија”, Лазар Најдов –Чолак е носител на листа на СДСМ и коалиција ,,Најдоброто за мојата општина”, Леон Ристов е носител на листа на Левица, Мирјана Нуткова е носител на листа на Единствена Македонија, Љубе Темелков е носител на листа на МААК и Сашо Николов на ТМРО.

На листите на кандидати за членови на Советот, забележително е тоа што на Левица, ТМРО и Единствена Македонија, се актуелни имиња на членови на исти семејства, односно има случаи каде брачни парови, па и нивни деца се дел од кандидатите кои се нудат да му донесат подобар живот на граѓаните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости