Никој не предлага нити предвидува враќање на состојбата на позициите од пред почетокот на војната. И затоа мора да се преговара и да се отстапи од максималистичките барања
Ѓорѓи СПАСОВ
Во ова време кога сите сме распаметени од она што се случува во Украина, тешко е да кажеш нешто паметно во врска со тоа како би можела да биде запрена војната во Украина?
Сепак, некои дипломати, што имаат искуство во водењето мировни преговори меѓу завојувани страни, сметаат дека војната во Украина може да запре ако двете страни се подготвени на отстапки од своите максималистички барања:
Оптимистичко сценарио на Си Ен Ен
Искусните американските дипломати Денис Рос и Норман Ајсен, сметаат дека е добро што Зеленски бара преговори со Русија, но тој ќе мора според нив, за да спаси важни нешта за него и за Украина, да направи 4 важни отстапки од сегашната позиција. https://edition.cnn.com/2022/03/03/opinions/diplomacy-russia-ukraine-invasion-ross-eisen/index.html
Прво, велат тие, Зеленски веројатно е свесен дека ќе мора да вети дека Украина нема да му се приклучува на НАТО. Тоа беше, потсетуваат тие, највжната причина за инвазијата на Русија врз Украина, и малку е веројатно дека Путин нема да инсистира на тоа.
Второ, Украина треба да прифати, по воспоставуање на мирот, ограничување на вооружувањето и на видови на воружување на своја територија и да се согласи дека нема да има странски сили сместени на своја територија. А со тоа би се исполнило барањето за нејзина демилитаризација.
Трето, што би било најтешко да се голтне за Киев, сметаат овие дипломати, би било Крим да остане во рамките на Русија.
И четврто, Народните Република Доњецк и Луганск да добијат значителна автономија во рамките на Украина, во согласност со Договорот од Минск кој треба да овозможи децентрализација и самоуправување во регионите.
Ако ова го прифати Украина тогаш Русија ќе мора да прифати:
1. Целосно повлекување на своите сили од територијата на Украина.
2. Драстично смалување на руските трупи на границата со Украина, и тоа од Источна Украина, Белорусија и во Црното море.
3. Украина по ова нема да биде целосно демилитаризирана како што инсистира Путин.
4. А нема да дојде ниту до промена на легално избраната власт во Украина ( иако токму тоа можеби го подразбира Путин под поимот „денацификација“).
За деескалирање на војната и опасностите од проширување на војната, еден ваков мировен договор треба да подразбира и:
Украина да добива секаква помош до моментот додека Русија јасно не ги прифати сите услови од еден ваков Договор. А откако Договорот ќе стапи на сила да дојде до:
1. Кревање на санкциите наложени од САД, Велика Британија, земјите членки на ЕУ и од другите земји во светот.
2. Создавање на тело кое одблиску ќе го набљудува почитувањето на овој договор од страна на Русија со право да го одложи кревањето на определен број санкции доколку Русија доследно не го спроведува.
3. Сојузниците на Украина да ги држат гасоводите отворени за снабдување.
Од своето богато искуство во водењето преговори меѓу завојувани страни, дипломатите посочуваат дека независно од тоа што Путин е влезен во клопката со покажувањето мускули, која може да биде многу поразителна за руските интереси, НАТО не смее да си дозволи да влезе во отворена воена конфронтација со земја која располага со нуклеарен потенцијал.
Можно е ниту една од страните да не попушта во преговорите или да ги условува со неприфатливи отстапки. Можно е Украина да верува дека со било која отстапка ја наградува агресијата на Русија, а Русија да верува дека не мора да прави било какви отстапки.
Можно е Русија да ја окупира Украина и да воспостави власт по своја мерка, или Украинците снабдувани со оружје од САД и од други земји да водат исцрпувачка војна како Талибанците во време на руската окупација.
Можно е да има уште многу страдања и жртви, но на крајот сепак ќе мора да заврши со постигнувањето на некој мировен договор.
Лесно е да кажеш дека Украина не треба да преговара се додека некој и држи пиштол на чело или дека со терористи не се преговара дури и кога држат заложници. Но, во животот нема лесни одговори.
И кога сме распаметени од злосторства треба да се размислува за тоа како да се спречи најлошото, а не само да го осудуваме агресорот, злочинот и да се топориме дека сме на вистинската страна.
Во еден момент Украинците ќе ни кажат: Аман, доста не браните, со тоа вашето: Ај удри ги ако можеш. Ај удри ги ако смееш. Изгинавме.
Пет сценарија на британскиот Би Би Си
Британскиот Би Би Си објавува 5 сценарија по кои може да се одвива војната во Украина од авторот Џејмс Лендл. https://www.bbc.com/news/world-europe-60602936
Првото го нарекуваат Куса Војна. Според него Русија може да влезе со полна сила и силни воздушни напади, но би го окупирала Киев и би дошло до брза промена на власта.
Но, тоа би довело до многу жртви, потреба од окупација на цела Украина, власта би била нелегитимна, борбите би продолжиле, а прекинувањето на непријателствата би било многу тешко.
Второто, кои изгледа поверојатно, е Долга војна. Според ова сценарио Русија може да биде заплеткана во долг судир со украинската војска која би била снабдувана со оружје од САД и ЕУ, и да не може да ги постигне своите цели.
Тоа може да ја доведе во ситуација слична на нејзината инвазија во Авганистан од 1989 година, кога по долги борби и порази мораше да се повлече поразена.
Третото е Европска војна. Соочен со пораз во Укарина, Путин може да ја прошири војната кон сосединте Молдавија и Грузија кои не се членки на НАТО.
Но, ако снабдувањето со оружје на Украина од западните земји го оцени како акт на агресија, може да ја нападне и Литванија која е членка на НАТО и да ризикува војна со НАТО и нуклеарен судир надевајќи се дека до тоа нема да дојде.
Путин може тоа да го смета за едниствено за зачувување на својата позиција и политичка моќ во Русија.
Четвртото сценарио е Дипломатско решение. Разговорите за изнаоѓање на дипломатско решение не се прекинати. Но, ако Русија сфати дека не може да ги постигне посакуваните цели брзо, ако внатре почен да расте притисокот и загубата од санкциите, а Украинците оцената дека со прифаќање на некои барања на Русија може да се спасат илјадници животи, тогаш е можно дипломатско решение.
Украинците би се откажле од суверенитет врз Крим и врз Донбас, а Русија би и дозволила на Украина независност и посилно поврзување со ЕУ. Ова сценарио подразбира и притисок од Кина кон Русија за изнаоѓање дипломатско решение.
И петото сценарио е: Смена на Путин. Според ова сценарио револтот кај политичките и воени елити во Русија, предизвикан од неуспесите во Украина, од санкциите и изолацијата на земјата, поттикнат со ветувања од Западот дека по смена на Путин и доаѓањето на поумерен лидер на чело на Русија санкциите би биле симнати, а дипломатските односи повторно воспоствени, може да доведе, истовремено со смената на владата во Киев да дојде и до смена на Путин преку еден вид на државен удар.
Ваквото сценарио за сега е невозможно, но авторот смета на подолг рок тоа може да биде резултатот од сегашната војна во Украина.
Руските сценарија
Руската државна агенција Раша тудеј, која емитува вести и анализи на англиски, исто така објавува размисли на некои луѓе за тоа како би можека да заврши на војната во Украина. https://www.rt.com/russia/551097-russia-ukraine-military-operation/
Во текст на Максим Хватков се цитира Директорот на Центарот за меѓународни студии, од Високота школа за економија, Василиј Кашин, според кого „дефинираната цел на војната од страна на Путин како „демилитаризација и денацификација на Украина„ подразбира, според него: влегување на територијата на цела Укранина со
цел да се смени политичкиот систем во земјата, и да се воспостави таков кој ќе мора да го спроведува Договорот од Минск.
Украина со слаб центар и јаки региони
Тоа според Кашин подразбира создавање Украина со слаб центар и силни региони. А таква Украина не би можела да води надворешна политика под влијание само на еден центар или една сила во земјата, а националистите би биле отсечени од власта.
Но, на Кашин не му е јасно како би можела Русија овие цели да ги оствари во толку голема земја како Украина со ограничени воени ресурси.
Според него, Русија веројатно нема да брза, и ќе го држи Киев под опасада додека не се предаде, а операцијата за смена на власта во Украина, според него, може да трае 21 ден или исто толку колку операцијата „Ослободување на Ирак“.
Украина со нови независни републики и можна поделба на земјата
Според директорот на дискусионот клуб Валдаи, Олег Барабанов, цитиран во истиот текст, ако Киев падне бргу, Украинците ќе прифатат преговори и демилитаризација. Но ако отпорот трае долго и се зголемуваат жртвите, преговорите нема да дадат резултат.
Во тој случај, вели тој, успесите на руската армија на југот на Украина може да доведат до создавање нови, „новоруски републики„ како Керсон на Југ и Краков на исток, а во Киев да биде направен обид за внатрешна смена на власта според моделот од Мајдан во 2014 година.
По превземањето на власта во Киев од страна на „антифашистички сили„ според овие пропагандисти би можело да дојде до преговори дури и за поделба на Укарина на две држави.
Македонско сценарио
Нашето искуство со војната од 2001 година исто така може да биде полезно за запирање на војната во Украина. И таа војна која започна со обвинувања за дискриминираност на Албанците во Македонија, можеше да заврши многу крваво и да дојде до поделба на земјата. Но, со помош на превентивната дипломатија на ОН, се постигна договор со кој:
Македонија од земја со мнозинска демократија стана земја со консоцијална демократија во која се гарантира еднаква застапеност во институциите на власта на сите етнички заедници, службена употреба на нивниот јазик и широка автономија за локалните заедници.
Тој рецепт би бил спасоносен и за Украина која исто така е мултитеничко и поделено општество во овој момент
Дел од тој Охридски мировен договор беше и амнестијата за сите учесници во војната, расформирање на паравоените единици и предавање на нивното оружје на меѓународните сили, но и право на Судот во Хаг да ги осуди оние за кои ќе има докази дека сториле воени злосторства или злочини против човештвото.
И за почитување и спроведување на тој мировен договор двете страни добија гаранција со потписи од претставниците на САД и на ЕУ.
Многу е важно, како и тогаш, да постојат сили кои сакаат војната да запре и земјата да остане неподелена. Дали постојат такви сили, во случајот со Украина и со авторитет кај Русија, останува за сега непознато.
Многу луѓе во 2001 година мислеа дека не треба да се преговара со „терористите и агресорот“, не треба да се прават отстапки пред уцени со оружје, дека треба прво терористите да бидат поразени и разоружани, па дури потоа да се преговара со нив, бидејќи никој не треба да преговара со пиштол в чело, но мировни разговори сепак имаше и тие доведоа до прекинување на непријателствата и воспоставување на мир.
Многу е важно да се разберат стравовите на другиот дури и кога тие изгледаат измислени и нерационални, параноични и водат кон убиствени чекори.
Како што може да се види во случајот со нападот на Русија врз Украина, никој не предлага нити предвидува враќање на состојбата на позициите од пред почетокот на војната. И затоа мора да се преговара и да се отстапи од максималистичките барања.