Што ќе се случи ако Зеленски биде убиен или заробен?

Украина и западните сојузници веќе прават планови за линијата на наследување на власта

by fokus

Додека руските сили го опколуваат Киев и се поготвуваат за голема офанзива на украинската престолнина, украинскиот претседател Володомир Зеленски нема планови да го напушти градот. Тој пред три дена ја откри и точната локација каде што престојува: претседателската палата.

Откако почна инвазијата, информациите велат дека Зеленски ги одбил понудите од САД да биде евакуиран од Киев, дури и откако ги предупредил сојузниците за упадот на „непријателските диверзантски групи“ во градот кои ги гледаат претседателот и неговото семејство како „мета број еден“ на Русија.

СОЈУЗНИЦИТЕ ВЕЌЕ ПРАВАТ ПЛАНОВИ

Зеленски е дециден: „Не се кријам и не се плашам. Останувам со мојот народ.“

Минатата недела беше објавено и дека украинската безбедносна служба спречила атентат над Зеленски од група елитски чеченски борци кои влегле во Киев. И додека на Киев му се заканува голема офанзива, Украина и нејзините западни сојузници се принудени да размислуваат и за непријатното прашање: Што ќе се случи со раководството на земјата доколку Зеленски е убиен или заробен?


Њујорк Тајмс пишува дека според информации од некои владини извори, сојузничките влади веќе разговарале за тоа како да ја обезбедат линијата на наследување на власта во Украина во случај претседателот Володимир Зеленски да биде заробен или убиен од руските сили.

ДА СЕ СПРЕЧИ ПОСТАВУВАЊЕ ПРОРУСКА ВЛАСТ

Фокусот на ова прашање доаѓа, делумно, затоа што Уставот на Украина е нејасен и затоа што Зеленски рече дека не сака да биде евакуиран.

САД, Велика Британија и Европската унија нема да признаат евентуална влада поставена од Русија. Сепак, за западните сојузници во тој случај ќе биде полесно доколку има законски признат лидер на слободна Украина, наместо нејасна ситуација во која повеќе субјекти ќе се борат за преземање на власта, нешто што Москва би можела да го искористи.

САД и сојузниците би сакале украинската влада да постави локација што државното раководството би ја користило доколку Киев падне. Претседателска вила на Карпатите во западна Украина би можела да се искористи, но украинските власти не даваат информации дали објектот е опремен со засолништа за бомби и зајакнати комуникациски механизми.

Спикерот Стефанчук (лево) на потпишување на апликацијата за членство во ЕУ

СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР ПРВ НАСЛЕДНИК

Според украинскиот Устав, спикерот на Парламентот ќе го наследи Зеленски како вршител на должноста претседател. Сегашниот спикер, Руслан Стефанчук, е прозападно ориентиран политичар и поранешен главен помошник на Зеленски.

Сепак, Уставот на Украина не дава јасен одоговор што доколку и претседателот и собранискиот спикер не се во можност да ја преземат фунцијата.  Едно толкување е дека во тој случај заменикот претедателот на Собранието ја презема улогата на претседателот на Собранието, но Уставот експлицитно не наведува дека тој е во линија на наследување на претседателот на државата.

Минатата недела државниот секретар на САД, Ентони Блинкен одговорајќи на новинарско прашање рече дека Украина има план за тоа кој ќе ја преземе власта доколку претседателот Зеленски не е во можност да ја врши функцијата, но не сакаше да открие детали.

К.С.Б.

 

Поврзани новости