Традиционално како и секоја година, по повод празникот 8 Март, голем број на градоначалници имаат предвидено подароци за жените вработени во општините.
Откако го нападнаа на социјалните мрежи, градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, кој наместо првично најавените фигара за коса, решил да ги израдува жените со тридневна екскурзија во Мелник, соседна Бугарија. Патувањето и сместувањето за триесеттина жени од општината било спонзорирано од рудникот ,,Бучим’’.
За разлика од него, валандовскиот градоначалник Перо Костадинов, наместо да ги почести жените, решил предвидените средства во висина од 20.000 денари да бидат донирани во Интервентниот женски фонд, односно да бидат наменети за жени жртви на насилство.
-Министерките по повод празникот како подарок ќе добијат по еден парфем – ни изјави премиерот Зоран Заев.
Во Општина Неготино празникот ќе се одбележи скромно, најверојатно поради неодамнашните изјави на градоначалникот Тони Делков, околу финансиските проблеми со кои се соочуваат, односно долгот од 3,5 милиони евра кој го наследиле од претходното раководство.
Претседателот на советот, Диме Витанов ни изјави дека дамите во општината симболично ќе добијат по еден каранфил. Во Кавадарци пак, градоначалникот ќе организира свечен прием во негова режија.
-Лично од мене како градоначалник дамите ќе добијат прием и по една ружа во знак на внимание. Секако, ќе имаат и скратено работно време – вели градоначалникот Митко Јанчев.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев вели дека немаат предвидено ништо посебно во нивната општина.
-Јас ќе одам во Дом за стари лица Мајка Тереза на дружба, а потоа на марш пред Жена парк. Нема ружи и каранфили, можеби дамите ќе бидат ослободени од работа еден час порано – вели тој.
Во Општина Охрид дамите ќе добијат само цвеќе, ни изјавија од кабинетот на градоначалникот Др. Јован Стојаноски.
-Жените вработени во нашата општина ќе добијат цвеќиња и скромен паричен надоместок – ни изјави Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.
Осми Март е денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Сепак кај нас, останат е обичајот да се купи подарок во знак на внимание.
Вики Клинчарова