Денес во 16 часот се затвора конкурсот за избор на нов директор на Скопје ЗОО, распишан од Град Скопје. Единствен пријавен, барем до сега, е поранешниот директор на јавната установа, Ѓорги Галетановски.
Тој ја водеше Градината за време на градоначалничкиот мандат на Петре Шилегов, и успеа да ја издигне на високо ниво со новитетите кои ги воведе, па за скопската зоолошка во тој период се слушна надалеку и истата се најде во бројни светски медиуми, како пример за одговорно менаџирање, каде благосостојбата на животните беше ставена како најголем приоритет.
Откако вчера за ,,Фокус” Галетановски потврди дека поднел документи за функцијата, и јавно побара од градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Град Скопје да му се даде мандат, барем во рок од една година, за да ги подобри условите, тој доби огромна јавна поддршка.
Неговиот чекор на социјалните мрежи беше поздравен од голем број на јавни личности, кои отворено и порачаа на Арсовска дека политиката и партиите треба да се тргнат на страна, бидејќи станува збор за благосостојбата на животните.
На една вака одговорна функција, за која е потребно професионално менаџирање, според пошироката јавност, нема место за експерименти, туку треба да се постави човек во кого народот веќе стекнал доверба, и кој во минатото покажал дека може да се носи со предизвиците на директорската позиција.
Како потсетување, за време на мандатот на Галетановски, во градината се изградија и обновија бројни живеалишта на животните, беа донесени нови животни, редовно се одржуваа разни активности за посетителите, се воведоа доста новитети, имаше рекордна посетеност и установата доби статус на кандидат за член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).
По неговото заминување, поради бројните немили настани и смртта на повеќе животни, кои важат за заштитени видови, Градината го изгуби стаусот во ЕАЗА.
-Еден од моите приоритети ќе биде враќањето на стаусот во ЕАЗА, и секако подобрување на условите за животните во Градината. По моето заминување од функцијата, кое се случи откако започна мандатот на Арсовска, заминаа и бројните спонзори, кои со години нудеа безрезервна поддршка за Градината.
Станува збор за повеќе општествено одговорни компании, за кои трвдам дека доколку бидам избран за директор, повторно ќе се вратат како спонзори, па заеднички ќе го дадеме максимумот за враќање на гордоста на зоолошката, вели Галетановски.
Дали јавниот интерес и интересот за благосостојбата на животните ќе преовладаат над партиските интереси, и дали Арсовска и Совет на Град Скопје ќе ја препуштат зоолошката во рацете на поранешниот директор, кој остана запамтен како еден од најпродуктивните во институцијата, ќе се дознае по завршувањето на предвидениот рок по затворањето на конкурсот, односно за околу една недела.
Во меѓувреме, се уште се актуелни пораките на социјалните мрежи, да се прекине со партизираност, посебно кога е Градината во прашање, бидејќи станува збор за благосостојбата на живи суштества кои не по свој избор се нашле таму, и заслужуваат достоинствено секојдневие и максимална грижа од институцијата.
Вики Клинчарова