Црвена роза, парфем, букет цвеќе, фигаро за коса, ручек во ресторан, дводневна екскурзија во Бугарија…ова се дел од подароците кои во изминатите години ги добиле жени, вработени во градоначалничките кабинети, по повод празникот Осми Март.
На Меѓународниот ден на жената се одбележува нивната борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но сепак во земјава традиционално, овој ден не поминува без подароци, кои жените ги добиваат од партнерот, децата, челните луѓе во компанијата во која работат…
,,Фокус” и во минатото пишуваше околу тоа кои се подароците кои најчесто ги добиваат припадничките на понежниот пол, вработени во државни институции, од страна на нивните претпоставени.
Ако во минатото најчесто градоначалниците им подаруваа парфеми, разни козметички асесоари, па дури и екскурзии, последниве години таа практика е намалена.
Речиси сите со кои разговаравме годинава, се одлучиле за симболичен подарок, најчесто роза, и се обидуваат да го свртат фокусот на одбележувањето на Осми Март во вистинската насока, да се одбележи улогата на жената во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, а не да се стави акцентот на убаво спакуван подарок или забава во угостителски локал.
Околу тоа што ќе им подари премиерот Димитар Ковачевски на жените вработени во неговиот кабинет, од неговата ПР служба за ,,Фокус” велат дека подарувањето е убав и благороден чин, но најважно е што премиерот секојдневно се залага жените да бидат максимално вклучени во сите процеси.
-Премиерот Ковачевски безрезервно и целосно ги поддржува жените во нивната заложба за економска, политичка и социјална еднаквост.
Подарувањето како чин е убав и благороден, но она што е поважно е дека тој секојдневно и на сите полиња и како премиер и како претседател на СДСМ активно се залага жените да се максимално застапени и вклучени во сите процеси.
Кабинетот на премиерот е составен во најголем дел од жени кои секојдневно ги поддржува во нивната истрајност да ги кршат бариерите за идните генерации.
Осми Март е Меѓународен ден на жената и симбол на женската борба за рамноправност, и така и треба да се гледа и одбележува- ни изјавија од премиерскиот кабинет.
Вики Клинчарова