Што ќе донесе референдумот за Мицкоски: Избори или политичко самоубиство?

by fokus

Додека се разгорува дебатата на иницијативата за референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а во неа се вклучи и претседателот Стево Пендаровски, се поставува и прашањето: што би можел референдумот да донесе за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски?

На оваа тема поразговараме со професорот Александар Спасеновски кој смета дека темите за референдумот и за предвремени парламентарни избори се меѓусебно испреплетени и дека постојат серија на нијанси во исходите од овие процеси од кои ќе зависи евентуалното организирање на предвремени избори.

Ако иницијативата за референдум на државно ниво биде осуетена уште на самиот почеток од страна на власта заради широките овластувања што Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните му ги дава на Претседателот на Собранието, односно на Собранието во целина, извесно е дека ќе продолжи статус кво периодот кој ќе се карактеризира со скоро блокирано владеење на СДСМ и на ДУИ и со дополнително зголемени политички тензии во државата, вели Спасеновски.

Доколку сепак се организира референдум, професорот предвидува возможни три ситуации:

1) Ако опозицијата освои помалку од 315.000 гласови колку што освои ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори, во тој случај референдумот би можел да има повратен ефект врз најголемата опозициска партија преку повторно отворање на дебатите за интегритетот и за капацитетите на лидерството да испорача победа;

2) Доколку опозицијата освои до 481.615 гласови (колку што историски има освоено најмногу ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2014), тогаш дополнително ќе се зголеми притисокот врз парламентарното мнозинство кој можеби ќе доведе, а можеби и нема да доведе до предвремени парламентарни избори заради актуелната политичка коњуктура во Собранието;

3) Доколку опозицијата освои над 481.615 гласови сé до потребната бројка за успешен референдум – односно околу 910.000 гласови – тогаш тоа ќе значи несомнена делегитимизација на власта после што како неминовност ќе се наметнат превремените парламентарни избори.

Во оваа фаза од развојот на настаните повеќе од очигледно е дека граѓанскиот револт е огромен. Сепак, останува крајно неизвесно на каков начин ќе се одвива постапката и какви чекори ќе бидат преземени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е всушност главната причина заради која не може сега да се направи најточна проценка дали ќе продолжи стату кво состојбата во државата или оваа тема ќе доведе до распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори, смета професорот.

К.С.Б.

Поврзани новости