„Што јужније, то тужније“

by Фокус

А, Мицковски веќе омекна, ќе го употребувал уставното име Република Северна Македонија, но ќе се срамел од срамната придавка „Северна“. А мене северот отсекогаш некако ми бил синоним за нешто напредно, богато, организирано и успешно, како Северна Америка, Северна Европа, како нашата братска најсеверна република во бившата држава…

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Ете, добивме нова влада! Народна влада! Онаа ненародната, предавничката, ја пративме во историјата. Со секакви навреди и клетви, искажани така од срце, без ред, без смисловна структура, при расправата за новата влада од собраниската говорница се истури сета пизма кон СДСМ, наталожена низ седумгодишниот копнеж по власт, по неприкосновена, апсолутна власт.

Сега можеме сите да здивнеме. Изборната победата на ВМРО-ДПМНЕ беше кристално чиста, со огромна поддршка на народот кој се определи за моменталните реални, материјални, па дури и тривијални потреби од секојдневието, очекувајќи ја ветената благосостојба и напредок на земјата.

ВМРО-ДПМНЕ-БУЛДОЖЕР

Убедена сум дека Христијан Мицковски, новиот премиер на Република Северна Македонија, има способност да ја стегне и да ја спастри државава. Вистински му посакувам успех и среќа. ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш било дисциплинирано, вредно, послушно и покорно кон водачот, чии планови, проекти, како што сега модерно се изразуваме, се исполнуваат од точка до запирка.

Како булдожер, акцијашки, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги оствари основните замисли, видливо и материјално опипливо, и тоа во краток рок. Знае тоа брзо и ефикасно да го изведе, сценски примамливо, разиграно и површински укомпонирано, без некои длабински квалитети.

Во една моја дамнешна колумна имам напишано дека ако по некоја ѕвездена патека на СДСМ му дојдеше божјо провидение исконски да посака да го изгради и трофејно да му го подари на светот она чудовиште од „СК 2014“ до ден-денес ќе се мислеа како да почнат и кога да почнат. Така стојат работите.

Барем оние гротески од полураспаднати галии во Вардар да ги отстранеа да не ги јаде срамот. Ќе биде баш иронично ако новата власт се зафати со таа работа. Но, тешко. Барем досега, никој од главниве на ВМРО-ДПМНЕ не се осмели ни да помисли, да изговори, а камоли да направи нешто со што ќе го затемни ликот и делото на нивниот претходен лидер.

Првиот премиер во независна Македонија беше Никола Кљусев, шеф на техничката влада, илегалец од редовите на ВМРО-ДПМНЕ под контрола на Глигоров, така што не може да се вброи како автохтона политичка фигура од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Првиот вистински партиски премиер од ВМРО-ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, миленикот на народот, кој си го сакаше нежно и топло како свое дете, додека неговите не му ги отворија тефтерите и не го тргнаа од тронот.

ВОСПЕВАЊЕ НА МИЦКОСКИ

Вториот вмровски премиер, Груевски, уште на почетокот им покажа заби прво на своите, па на политичките противници, на неутралците и на крај на сѐ што демонстрираше слободија и непокорност кон него. Едноставно му се плашеа, а имам впечаток дека по малку и сега му се плашат, иако е далеку.

Но, околу третиов премиер, Мицковски, се гради нешто ново, нешто што потсетува на некои дамнешни времиња. Се забележува од страна на неговите сопартијци во парламентот една нова, надоградена вмровска тенденција – создавање на култ на личноста.

Не велам дека Мицковски е виновен за таквото нападно воспевање и длабоко поклонение на луѓето околу него, но тоа е менталитетот на вмровците, кои бараат таква политичка фигура која гордо и непопустливо, барем на зборови, ќе стои цврсто во одбрана на името, идентитетот и јазикот на Македонците.

И, се разбира, како што му личи на еден автократ во зародиш, тој тоа достоинствено и воздржано го „поднесува“. Се навикна.

Па, кога можеше професорката, новоизбраната претседателка на Северна Македонија при инаугурацискиот говор во Собранието понизно да му се заблагодарува за својот избор, тогаш воопшто не ме изненадува она женско пратеничко друштво во парламентот, на чело со Дафина што опалено порипа, откако малку задоцнето укапира дека треба со аплауз да ја поздрави новопрогласената влада.

А, Мицковски веќе омекна, ќе го употребувал уставното име Република Северна Македонија, но ќе се срамел од срамната придавка „Северна“.

А мене северот отсекогаш некако ми бил синоним за нешто напредно, богато, организирано и успешно, како Северна Америка, Северна Европа, како нашата братска најсеверна република во бившата држава… Ама изгледа нам ни одговара онаа срцепарателна поза што Србите духовито ја опишуваат како: „Што јужније, то тужније“.

Поврзани новости