Што им се пожалија жителите на мавровските села на пратениците?

by Фокус

Недоволно или никакво учество на Националниот парк Маврово, во координација со Општина Маврово и Ростуше во урбаниот хаос што се случува околу Мавровското Езеро, пишува во писмото од неколку мавровски села кое им беше дадено на членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.

Членови на оваа интерпартиска група вчера беа на теренска посета на НП Маврово за извршат директен увид и надзор над управувањето со заштитеното подрачје Маврово, имајќи ги предвид укажувањата од граѓанските организации, еколошки активисти кои се однесуваат на итноста за реплогласување на Националниот парк Маврово.

Пратениците заклучија дека се потребни средства за изготвување на нова студија за валоризација, дека треба да се донесе нов закон за Национален парк Маврово, неопходно е повторно зонирање за да се спречи потенцијалната изградба на нови мали хидроцентрали, потребно е донесување на мерки за намалување на градежната експанзија во Маврово, за зачувување на риболовниот фонд и заштита на Балканскиот рис.

Што пишува во писмото на месното население од мавровскиот регион кои им беше дадена на пратениците од интерпартиската група.

1. Недоволно или никакво учество на НП Маврово, во координација со Општина Маврово и Ростуше во урбаниот хаос што се случува околу Мавровското езеро.

Месното население на трите мавровски села, Маврово, Никифорово и Леуново, и останатите села што се наоѓаат во планинските делови се откажале од своите имоти во делот на мавровското поле во интерес на ЕЛЕМ, а во горните делови во интерес на Националниот парк се откажале од своите шуми, за да пред околу седумдесетина години Мавровскиот регион стане заштитено подрачје од втора категорија со цела своја автентичност, и природни убавини.

Имено, години наназад месното население без дозвола од НП Маврово, не смееше да исече дрво во својот двор, и ова безрезервно го почитуваше поради заштита на природните убавини, и автентичноста, за да после толку години нивните имоти се предмет на продажба, дооформување, приватизација и легализација на дивоградби, и сеча на шуми за оформување на градежни парцели, а за се ова, Националниот парк нема никаква координација со општината, да застане во заштита на месното население за спречување на овие девијантни појави.

Ние мештаните не знаеме дали невклучувањето на НП во спречување на вакви појави е затоа што не е решен статусот на репрогласување на НП, или во координација со општината Маврово и Ростуше е соучесник. Трагедијата да е поголема, се даваат дозволи за големи станбени комплекси, кои што освен лични интереси на инвеститорите и поединци, воопшто не мислат на месното население, загадувањето на животната средина, и се друго што би требало да го краси Националниот парк.

Како пример би го навеле преместувањето на дел од Какачка река, од инвеститор со дозвола од НП Маврово за дооформување на градежна парцела. Сведоци сме на голем револт кај месното население, викендашите, и сите искрени вљубеници во природата и Маврово. Месна заедница Маврово има испратено писмо  (барање) до НП Маврово активно да учествува и да го спречи ова лудило.

Се поставува прашање ако ова е доволен доказ за суспендирање на урбанистички план, Националниот парк Маврово треба да побара суспендирање на планот за Маврово, со сета шума што е пресечена за изградба и дооформување на градежни парцели. Во законот за урбанизам во член 23, точка 5 се наведува: Урбанистичкиот план од член 10 став 1 точките 1,2,3,4 и 5, негов дел или планска одредба, се суспендира од преминување од страна на донесувачот на планот доколку се докаже несомнена штета на јавниот интерес.

Ако месното население ги дало своите имоти пред седумдесетина години за мавровскиот регион да биде заштитено подрачје од втора категорија и да има јавен интерес, како сега после седумдесетина години да им е загрозен јавниот интерес со тоа што немаат доволно вода за пиење, да се сечат шуми стари стотици години, да се уништува патната инфраструктура, а Националниот парк да остане нем. Се поставува прашањето кој има интерес од сето ова што се случува.

2. Екологија

Пред неколку години почна со изградба колекторски систем во делот на Долна река, по течението на река Радика, кој не заживеа, никој не презеде одговорност што истиот не профункционира и објектите од дотогаш изграденото, тотално се руинираа.

– Пред една година, со записник од Инспекција за животна средина се заведени неколку објекти (погони), и задолжени да постават прочиститeлни станици, дали ова е спроведено, и дали Националниот парк има ингеренции во ова прашање?

– Мештаните околу мавровското езеро се свесни дека хотелите кои се околу езерото, или немаат прочистителни станици, а тие што имаат не им се во функција (Радика, Бистра, Алпина, Миа’с, Реј), со самото тоа се најголеми загадувачи на реките и на езерото. И тука се поставува прашањето за ингеренциите на Н.П. Маврово по ова прашање.

– НП Маврово во координација со Министерството за животна средина и со останатите надлежни институции на големо треба да размислува за изградба на голем колекторски ситем околу Мавровското Езеро во кое би биле вклучени постојаните жители и викендашите за да се спречи понатамошното загадување на езерото.

– Што се однесува до зачувувањето на рибниот фонд во Мавровското езеро (вработените шумарски служби многу коректно си ја вршат својата работа) но под најитно Н.П Маврово во координација со ЕЛЕМ треба да ја оспособи заштитната магнетна решетка која би го спречила одливот и уништувањето на рибата од Мавровското езеро во каналите во системот на ЕЛЕМ. Оваа решетка по кажување на луѓе не функционира со години наназад.

– Со градежната експанзија, кај месното население се повеќе се чувствува недостигот на вода за пиење. Месното население има замерка до Националниот парк што во координација со ЈПКД Маврово и општина Маврово и Ростуше, што не зема активно учество во пронаоѓање на нови, и појачување на тековните извори. Во НП Маврово работат стручни лица кои напамет го знаат цел регион, секоја река, секој извор, секој поток… и би требало активно да се вклучат во решавање на овој проблем.

– Сведоци сме на фрлање на градежен шут како и во делот по течението на река Радика така и околу Мавровското Езеро. НП Маврово би требало да одреди депонија каде би се одложувал овој вид на отпад, а не како досега да ја нагрдува сликата околу езерото и по течението на реката Радика.

– Тековно одржување на пешачките, шумските патеки како и шумските патишта низ селата каде што НП Маврово стопанисува.

– Поставување на корпи за отпадоци и поставување на многу повеќе огласни табли за активност на туристите, постоечките се малку или воопшто ги нема.

3. Што се однесува до финансирањето на Националниот парк, освен сечењето и продажба на дрва кое за воља на вистината вработените многу стручно и плански го изведуваат години наназад наше мислење е дека Националниот парк треба да најде и други алтернативни решенија за финансирање.

Месното население и здруженијата со воочување на горенаведените проблеми сакаат да обрнат внимание дека е нарушен јавниот интерес и дека ако Националниот парк во најбрз можен рок не се репрогласи, и не му се дадат ингеренции за да може активно да учествува во решавањето, се она за кое што мештаните се бореле и ги дале своите имоти ќе биде попусто.

Поврзани новости