Европски механизам за компензација на индустриските корисници за намалување на нивната употреба на гас и електрична енергија за претстојната зима, предлага грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмото испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис вели дека предлогот е за да се зајакне енергетската безбедност, но во исто време и да се намалат цените на природниот гас и електричната енергија, со комбинација на европската солидарност и сопствената потрошувачка.
-Идејата се базира на клучната работа што Комисијата ја презеде во планот „Заштедете гас за безбедна зима“. Претставува средна точка помеѓу доброволните намалувања на побарувачката што сите ние мора да ги идентификуваме и задолжителните намалувања што може да дојдат во итен случај. Со нудење финансиски стимулации, наместо да се потпира на казната за прекини во итни случаи, предлогот е поверојатно да доведе до цврст и значителен одговор од индустријата, пишува Мицотакис.
Додава дека енергетските пазари воспоставија инструменти за плаќање на корисниците да не трошат енергија кога тоа е корисно за системот во целина, а механизмот што тој го предлага би бил попроширен, покривајќи намалување на побарувачката за неколку месеци, а не за часови или денови.
– За да функционира, оваа алатка ќе комбинира елементи од планот на енергетскиот пазар – кога, колку, колку долго – и начин, праведно да се компензира индустријата. Идеално, би ги споиле националните и европските ресурси, демонстрирајќи солидарност и дозволувајќи им на оние кои имаат најголем капацитет да ја намалат нивната потрошувачка. Тоа е идеја која ги комбинира економската и енергетската ефикасност со европската солидарност., пишува грчкиот премиер во писмото.