„Гласен текстилец“ покрена иницијатива за воведување на таканаречена „плата за живот“. Ова е посебен концепт кој се разликува од минималната плата и кој предвидува платата да ги задоволи трошоците за живот.
Преку Декларација „Гласен текстилец“ бара поддршка од синдикати, здруженија и граѓани, а за еден ден декларацијата ја потпишаа: Конфедерација на слободни синдикати на Македонија, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници, Македонска платформа против сиромаштијата, Младински културен центар Битола и Организација за домување и станари.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ за „Фокус“ објаснува дека борбата на синдикатите само за покачување на минималната плата, која не е доволна ниту за плаќање на месечни сметки за струја, вода и слично, е недоволна и погубна.
По примерот на нашите колеги од Србија кои веќе потпишаа декларација за плата за живот заедно со други здруженија и синдикати, веќе лобираат на национално ниво за потребата од достоинствена плата и егзистенција, Гласен Текстилец ќе ги повика здруженијата и синдикатите во Македонија да ја потпишат нашата декларација на овој настан „Текстилијада 6“ и ќе лобираме за правото на достоинствен живот на работниците и плата за живот, наместо досегашната реторика за покачување на минималната плата, вели Ампева.
Согласно меѓународно прифатените критериуми, пресметката на платата за живот треба да се заснова на реалните трошоци за достоинствен живот и да ги покрива основните потреби на работниците и нивните семејства: храна, облека, домување, јавен превоз, трошоци за комунални услуги и телекомуникации, образование, здравствена заштита, слободно време и култура, вклучувајќи ги и дискреционите приходи, т.е. можност за заштеда до 10% од платата.
Платата за живот треба да се исплаќа за работа извршена во редовно работно време и не вклучува додатоци и надоместоци за прекувремена работа, работа за празник, во недела, бонуси и топли оброци.
Платата за живот е универзално применливо човеково право утврдено во Универзалната декларација за човекови права на ОН и во Европската социјална повелба (најважните меѓународни норми). Секогаш мора да биде доволна за да се задоволат основните потреби на работниците и нивните семејства – вклучувајќи домување, исхрана, санитарни услови, јавен превоз, здравствени и образовни установи – плус мал приход за итни случаи. Тоа е категорија на трошоци за живот според кој ја одредуваме и пресметуваме платата за живот на четиричлено семејство, објаснува Ампева.
„Гласен текстилец“ е дел од европската кампања Clean Clothes Campaign која лобира за плата за живот и веќе изработува калкулација за плата за живот (living wage) на европско ниво и за секоја држава посебно.
Според пресметката за 2021 година, платата за живот во Македонија треба да изнесува 52.235 денари. Минималната плата која сега е 18.000 денари задоволува само 29 отсто од овие реални потреби.
Пресметката е направена согласно податоците од Државвниот завод за статистика и Народната банка.
Катерина Смилева Божиновска