Деновиве во јавноста циркулира нацрт „нон-пејпер“ изработен од Франција и Холандија во ЕУ во кој овие две земји се изјаснуваат против старт на преговори со Македонија и Албанија. Како што јави МИА вчера, дипломатски извори од други земји членки велат дека не се изненадени од овој документ и дека нината позиција им е позната на сите во ЕУ, но дека тоа „не нѐ загрижува многу“.
Нон-пејпер во европскиот дипломатски речник е неформален документ кој се поднесува во рамки на преговарачки процеси, најчесто со цел да се предизвика реакција или дебата за одредена тема околу која нема согласност. Нон-пејперите не секогаш го рефлектираат официјалниот став на земјата или институцијата кои го напишале.
Холандија и Франција се познати по отпорот на нивната јавност кон натамошното проширување на ЕУ, особено со оглед на претстојните европски избори за Парламентот, на кои се очекува евроскептичните партии да го засилат своето присуство во оваа институција.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, чија центристичка партија не е членка на ниту една европска политичка група, во моментов гради сојузи и коалиции во пресрет на европските избори, и голем број аналитичари сметаат дека неговите ставови и позиционирања по европските прашања во голема мера претставуваат тактизирање, вклучително кога станува збор за проширувањето.
Повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за старт на преговори со Македонија доколку се реши спорот за името со Грција.