Што да очекуваме во Грција: Цените минимално повисоки, без ковид сертификат нема влегување никаде!

by fokus

Омилената туристичка дестинација на многу Македонци, соседна Грција, ги дочека првите туристи сезонава, за време на Велигденските празници.

Процедурата за влез во Грција е иста веќе неколку недели наназад, потребен е европски сертификат за вакцинација, односно потврда за прележан ковид, или пак негативен тест.

Но, освен при влезот во земјата, овие документи се задолжителни и за влез во било кој маркет или бутик, како и за влез во угостителските локали.

Во Солун, на пример, пред секоја продавница има поставено лица кои задолжително го скенираат документот, а неретко се случува да им побараат и документ за идентификација на посетителите. Носењето на заштитна маска е задолжително.
Нема прогледување низ прсти, детално се проверува секој документ пред да биде дозволен влез. Исто е и во локалите, односно во отворените делови на рестораните и кафулињата, на секој посетител му се скенира потврдата.

Кога се цените во прашање, забележително е минимално покачување на основните животни намирници во маркетите, па така литар зејтин на пример, може да се купи по цена од 2,16 евра, се до околу три евра, во зависност од производителот.

Половина килограм ориз и леќа се продава по околу 90 центи, половина килограм грав се движи од 1,20 до 1,60.
Кај месните производи нема значително покачување на цените, а исто е и со белите печива и лебот.
И во локалите цените не се значително поразлични од минатата година. Разни видови на кафе изнесуваат од два евра, па нагоре, освежителните безалкохолни пијалоци се околу три евра, литар вино може да се порача по цени од десет евра, па нагоре.

Сезонските салати се со почетни цени од 3,5 евра, додека пак салатите – оброк, како на пример Цезар, изнесуваат шест или седум евра.

Килограм печено јагнешко месо, кое традиционално го има во речиси сите ресторани за Велигден се нуди за околу 18 евра, порција рибни специјалитети од шест евра, па нагоре.
Популарното гиро најчесто се продава по цена од три или 3,5 евра, но може да се најде и по пониска цена во одредени локали.

Лежалките на плажа, кои топлото време веќе ги извади надвор, може да се користат доколку се порача пијалок. Ладното кафе на плажа изнесува три евра, природните, цедени сокови се околу четири евра, газираните освежителни пијалоци околу 3,5 евра.

Доколку користите лежалка на плажа, задолжително мора да поседувате ковид сертификат или валиден документ за прележан вирус, односно негативен тест, бидејќи се случува полицијата да врши контрола.

И покрај мерките, сепак голем број на туристи од земјава, но и од Бугарија, Србија и Романија деновиве одмораат во Грција. Тамошните туристички работници велат дека очекуваат разлабавување на мерките на почетокот на месец мај, како за влез во земјата, така и во секојдневното функционирање во јавните објекти, бидејќи Грција повеќе од две години е една од земјите каде важат строги правила за заштита на јавното здравје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости