Харис Џиновиќ, Војаж, Антонија Гиговска, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Огнен Здравковски и многу други музичари ќе настапат на градскиот плоштад во Кавадарци, за време на традиционалната манифестација Тиквешки гроздобер 2022, која ќе се одржи на 9-ти, 10-ти и 11-ти септември.
Главна музичка ѕвезда на настанот ќе биде легендарниот Горан Бреговиќ (72) кој доаѓа со неговиот Оркестар за свадби и погреби. Тој ќе одржи концерт на 11-ти септември, недела, а неговиот последен концерт на отворено во земјава, односно на плоштад се случи во 2019 година, во Скопје, по повод отворање на казино. Тогаш со него гостуваа и поранешните членови на култниот рок бенд ,,Бјело дугме”.
Во дискотека пак, настапи во Гевгелија летово.
Околу тоа какви барања има музичката ѕвезда за време на престојот во Кавадарци и кои ритуали ги практикува пред настап, од општината откриваат дека сепак станува збор за голем професионалец во својата бранша, кој пред се е скромен човек.
-Бреговиќ ќе биде сместен во угостителскиот објект ,,Моклиште”, надвор од градот, опкружен со природните убавини на Тиквешијата.
Кога се договараа деталите за гостувањето, немаше некои специфични барања, освен во собата да го чека чаша добро црно вино.
Избравме суво црвено вино, зреено во барик буриња од винарската визба ,,Тиквеш,,, а кога е храната во прашање, тој посака да биде угостен со традиционална храна, бидејќи сака да ја долови автентичноста на овдешните кулинарски специјалитети.
Салати, месни специјалитети, и секако кавадаречкиот надалеку познат маџун ќе бидат на менито- за ,,Фокус” откриваат од организацијата.
Она кое е специфично околу ритуалите на музичарот, а кое посебно го потенцирал, е дека бара два часа пред настап да помине сам, без вознемирување во соба, во целосна изолација, со една чаша црно вино, со цел да се сконцентрира на претстојниот настап.
Од општината веруваат дека ќе се покажат како добри домаќини, не само со Бреговиќ, туку и со сите музички гости, како и со посетителите на традиционалната манифестација кои се очекуваат во огромен број.
Буџетот на Тиквешки гроздобер годинава е 10,5 милиони денари, од кои една половина се општински средства, а пак другата половина е обезбедена од спонзори, односно општествено одговорни компании.
Во минатото, за време на манифестацијата се продаваа по 30.000 литри вино, а бројот на посетители во тек на тридневниот настан надминувал 120.000 лица.
Веста дека гроздоберот ќе се слави со Бреговиќ, кавадарчани ја дочекаа со одобрување, откако претходно кажаа ,,Не” за гостување на српската турбо-фолк ѕвезда Јелена Карлеуша.
Вики Клинчарова