Во основните и средните училишта во Штип од денес наставата започнува со интонирање на македонската химна. Исто така, сите училишта имале обврска да го истакнат знамето на Македонија на видно место во училишната зграда.
Започнувањето на наставата со државната химна ќе се случувало секој понеделник пред 7.30 часот за учениците од првата смена, и пред 13.30 часот за учениците од втората смена.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов информира дека учениците, родителите и вработените во училиштата веќе имаат документ со кој се утврдува заедничката цел за меѓусебно почитување, подобрување на квалитетот на наставата, намалување на девијантните појави и јасна визија за создавање на здрави и успешни генерации.
-Создаваме нови услови за реализација на образовниот процес во Општина Штип! Учениците од основните и средните општински училишта секој понеделник ќе го почнуваат училишниот ден со интонирање на Македонската химна, а училиштата ќе имаат обврска да го истакнат знамето на Македонија на видно место во училишната зграда-истакна градоначалникот.
Во училишниот рекламен плакат за подобрување на образовниот процес е илустрирано дека не е дозволен непристоен изглед во училиштата, мобилни телефони, долги нокти, кратки пантолони и маици.
Пристојно однесување, училишни униформи, соработка, навремено доаѓање на час, селектирање на отпад и друго се наведени како кодекс за напредок и подобрување во образовните институции во општината.
Вики Клинчарова