По две години пауза поради пандемијата со корона вирус, Општина Штип се подготвува за враќање на популарната манифестација Пастрмалијада, која ќе се одржи на 23-ти и 24-ти септември.
Годинава како главни музички ѕвезди се најавени Тони Цетински и Јелена Розга, а свои настапи ќе имаат и Куку Леле, ДНК, Џамбо Агушев и други, а пак во минатото гостуваа речиси сите големи музички имиња од Балканот. Настанот е доста популарен и носи голем број на посетители во градот. Се случувало бројот на посетители да изнесува и над 150.000, посебно оние две години кога музичка гостинка беше Цеца Ражнатовиќ.
Целокупното штипско стопанство имало голем бенефит, и бил забележан зголемен промет не само во угостителските објекти, туку и во трговските дуќани. Општината традиционално го поддржува настанот со 40.000 евра, а биле обезбедени и 15.000 евра од спонзори. Пастрмајлијада е всушност манифестација која го промовира кулинарскиот бренд, штипска пастрмајлија, вид на пита со свинско месо која е заштитен знак на Штип, кога е тамошната кујна во прашање.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, за „Фокус“ вели дека настанот придонесува градот да функционира економски, со самото тоа што се очекуваат десетици илјади посетители од земјава, а промоцијата на штипскиот бренд, пастрмајлија, е традиција со која штипјани се гордеат.
-Ова е 14-то издание на Пастрмајлијадата и се подготвуваме да ги дочекаме нашите гости професионално организирани од секој аспект. Ги поканувам сите кои сакаат да уживаат во прекрасниот вкус на пастрмајлијата и во добра музика да дојдат во Штип. Ќе има низа на забавни содржини, ќе се сечи најголемата пастрмајлија во присуство на гости од политичкиот врв, ќе има трка на келнери – појаснува градоначалникот.
За време на манифестацијата во 2019 година, угостителите најавија дека цената на пастрмајлијата ќе ја зголемат за 30 денари, со цел да се задржи квалитетот, а нивната одлука наиде на реакции од јавноста. Јавните критики беа насочени во правец дека настанот е за да се промовира брендот, а не само можност за заработка. Околу цената по која годинава ќе се продава пастрмајлијата, Јорданов вели дека ќе следува средба со угостителите, и наскоро ќе се знаат деталите.
-Деновиве ќе имаме состанок, каде ќе биде утврдена и цената по која ќе се продава пастрмајлијата. Во минатото се продаваше по цена од 120 денари, поради глобалното поскапување на сите производи претпоставувам дека и цената на нашиот специјалитет ќе биде повисока, но ќе направиме напори сепак таа цена да биде пристапна за сите кои ќе дојдат да уживаат во Штип на 23-ти и 24-ти септември – ни изјави градоначалникот.
Инаку, штипскиот специјалитет се подготвува од тесто кое се прави од брашно, вода, сол и квасец. Филот пак, содржи свинска удина исецкана на ситни парчиња, пипер, бибер, сол и свинска маст. Врз тестото оформено во вид на чун се става филот, и се печи во фурна. Се декорира со феферони или со кисели краставички.
Вики Клинчарова