Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на првиот ден од Новата година ги посети најстарите жители во селото Караорман.
Браќатата Симо и Ристо Наскови годинава ќе наполнат 103 и 100 години.
Новата година ја поминале во домашна атмосфера, заедно со нивните синови и внуци.
Симо годинава полни 103 години.
Неговиот син Круме Насков вели дека до пред една година активно се занимавал со земјоделство, кога паднал во градината.
-До 102 години активно работеше во бавчата и оваа година имаше негови производи, што ги имаше посадено. Сакал да посади некое семе во оранжериите, но паднал и залегна. Една година како лежи во кревет. Нозете не му се добри, инаку здравствено е добар – вели Насков.
Ристо Насков во февруари ќе наполни 100 години. На сите им посакува здравје и среќа.
-Да бидеме живи и здрави сите! Македонија да ни биде жива и здрава и да биде држава, а ние Македонци – вели Насков.
Неговиот син Димче вели дека здравјето добро го служи, досега нема посетено лекар и се уште работи во својата градина, произведува патлиџани, пипер и разни земјоделски производи.
-Работи во оранжерии, продава пиперки и патлиџани. Ракија си пие по една чашка, приквечер и сабајле. Телевизија гледа многу, следи вести, со мозокот е здрав, работи со телефон, се слуша со ќерките, знае сам да ѕвони, знае се – вели Димче Насков.
Двајцата браќа Наскови од Општина Штип добија пригодни подароци.
-Да сте живи и здрави, добро здравје да ве служи во 2023 година, па следната Нова Година пак да се видиме – им порача градоначалникот Јорданов на двајцата најстари жители во Штип.