Милена Кокотова, поранешна професорка и директорка во штипската гимназија, за која ,,Фокус” пишуваше завчера, засега останува во својот дом. Фотографиите од 87- годишната жена, која ја забележал нејзиниот сограѓанин Александар Георгиевски, како боса, со крвави стапала лута низ градот, и кој веднаш повикал итна помош, ја фрапираа македонската јавност.
Старицата која нема сопруг и деца и живее сама во стан, со години наназад престојувала во ужасни услови, под секое човечко достоинство, бидејќи поради својата состојба не била во можност да го одржува живеалиштето, ниту пак побарала медицинска помош околу здравствениот проблем со нозете. Расипани славини, расипани сијалици, купишта со ѓубре, сето тоа можеше да се види на фотографиите од нејзиниот стан.
Георгиевски тогаш не информираше дека во болницата во Штип на жената и биле санирани раните, но потребни и се секојдневни терапии и преврски. Исто така, тој заедно со уште три лица купил средства за чистење и започнал со средување на станот. Прашуваше како никој од надлежните служби, од соседите или пак роднините на Кокотова можеле да ја остават во таква состојба и апелираше социјалната служба да излезе на терен и да и помогне.
Денес тој вели дека заедно со уште една девојка речиси го средиле целиот стан на старицата. Информира дека се појавил и нејзиниот внук од Скопје, кој и донел храна и ветил дека ќе стои на располагање.
-Разговаравме со нејзиниот внук од Скопје. Вети дека ќе биде на располагање. Досега никој од надлежните служби не се јавил ниту пак некој дојде да ја посети жената. Како што сум информиран, во понеделник ќе ја посетеле од центарот за социјална работа. Јас лично, не ја оставам додека не и се среди целиот стан. Дојдоа и од болницата денес, и ги преврзаа раните, девојката која помага со мене, Бојана Божиновска, и донесе ручек. Таа многу се израдува, бидејќи многу долг период јадела само сува храна. Овде сум, ќе сторам се што е во моја можност, а околу тоа што ќе се случува во иднина, нека одлучат стручните служби. Сите се известени, нема да им се мешаме во одлуките – вели Александар.
На прашањето дали градоначалникот Благој Бочварски се јавил или ја посетил поранешната професорка, бидејќи настанот кој се одвива во неговата општина ја потресе целата јавност, одговара дека нема такво нешто.
-Би сакал да напоменам дека јавноста не треба да ги напаѓа роднините на професорката, ниту пак институциите. Јас сум сигурен дека работите ќе се средат. Сите кои нудат парична помош, да ги известам дека не е потребна, бидејќи старицата има пензија, понудете пари таму каде што навистина треба. Ако се потребни волонтери околу средувањето на домот, јас сам ќе побарам помош и ќе ја известам јавноста, со цел тажната судбина на професорката да прерасне во среќна приказна – порача штипјанецот.
Вики Клинчарова