Штетата од земјотресот во Јапонија би можела да достигне 16,2 милијарди евра

by Fokus

Штетата од земјотресот што ја погоди Јапонија на 1 јануари и во кој загинаа повеќе од 230 луѓе, според проценките на јапонската влада би можела да биде помеѓу 6,9 и 16,2 милијарди евра.

За да се направи таа проценка, земени се во предвид штетите на зградите и инфраструктурата во префектурата Ишикава, која беше најтешко погодена, како и две соседни префектури, Тојами и Ниигата, а разликата е толку голема бидејќи сè уште не се проценети сите штети, стои во извештајот презентиран на Советот на министри.

Официјалната проценка е повисока од првата проценка на делумна штета што ја направи приватниот сектор на почетокот на јануари.

Сепак, вкупната сума на штета би требало да биде помала од онаа предизвикана по земјотресот и цунамито во 2011 година во североисточна Јапонија, која изнесуваше 147 милијарди евра.

Владата вчера донесе мерки за подобрување на условите за живот на лицата евакуирани по земјотресот од 1 јануари, реконструкција на погодените подрачја и ревитализација на туризмот.

Јапонскиот архипелаг е еден од сеизмички најактивните во светот. Модерните згради во Јапонија можат да издржат многу силни земјотреси, но тоа не е случај за многу стари згради, особено во руралните области како што е полуостровот Ното, кој е дом на префектурата Ишикава, каде што беше епицентарот на земјотресот од 1 јануари.

Поврзани новости