Основниот кривичен суд Скопје го одби приговорот на одбраната на Раде Трајковски – Штекли, во кој се наведува дека обвинетиот е психотичен и не е способен да го следи судењето на главната расправа за случајот во кој е обвинет за трговија со дрога.
Пред почетокот на денешното рочиште, судијата Илија Трпков, информираше дека „Само во исклучителни случаи се наредува супервештачење, но во овој случај Судот беше убеден од вештото лице Оливера во однос на способноста на обвинетиот Раде Трајковски да го следи судењето“.
Имено, на рочиштето во четвртокот судијата Трпков изјави дека Судечкиот совет ќе ги разгледа спротивставените вештачења на Обвинителството и одбраната за психичката состојба на Штекли, по што ќе одлучи дали предметот ќе биде даден на супервештачење или ќе продолжи главната расправа на судењето.
Првообвинетиот за случајот за недозволена трговија денеска рече дека не го разбира обвинението што му се става на товар
Прашан дали се чувствува виновен за делото што му се става на товар, Трајковски, пред Судот рече дека не го разбира.
– Не го разбирам – рече Трајковски.
Сите останати обвинети Петар Златановски, Стефан Китанов, Александар Вучевски, Стојан Иванов и Филип Таневски пред Судот рекоа дека го разбираат делото и дека не се чувствуваат за виновни.