Финансиски не ни е исплатливо да излеземе на Саем на книга во Скопје, и генерално, скапо е не само за издавачките куќи, туку и за посетителите. Затоа оваа година нашата Издавачка куќа – Збор, нема да биде дел од Меѓународниот саем на книга кој се одржува во Скопје – за ,,Фокус” вели писателката и главен уредник во Издавачка куќа – Збор, Емилија Златкова Анастасова.
Појаснува дека минатата година биле заедно со ,,Полица” на ист штанд и им плаќале процент. Но, според цената по која се изнајмувале штандовите лани, од 25 до 28 евра од квадрат, плус се плаќало за електрична енергија, од 40 до 70 евра, во зависност од квадратура, вели дека нема да можат да покријат трошоци.
Таа живее во Велес, па покрај трошоците за штандот, требало да плати и патни трошоци, да плати лице кое ќе ги продава книгите, а потенцира дека и влезниците за посетителите по цена од 80 денари воопшто не се за занемарување. Изложбениот простор, односно штандот кој се изнајмувал, бил со различна квадратура, во зависност од локацијата.
Според минатогодишниот ценовник, за некои локации морало да се изнајмат минимум девет, минимум 40 или пак минимум 100 квадрати.
-Кога се распрашав, сфатив дека изнајмувањето на штанд ми доаѓа околу 700 евра без ДДВ, плус струја и други трошоци. Не е исплатливо, не знам дали и ќе можеме да покриеме трошоци, вели авторката. Затоа, до своите читатели апелира да ги порачаат посакуваните книги онлајн, за да може да им даде и попуст.
-Издавачите плаќаат штандови и плус други трошоци има нели (конкретно за нас – ќе треба да патувам од Велес за Скопје секој ден, да платам некој да продава) и посетителите плаќаат карта 80 ден! Значи некој убаво печали на сметка на издавачите и читателите! Саем на книга треба да е поддржан од државата да излезат сите издавачи и да можат да дадат убави попусти, па да можат и читателите да се задоволни! Вака е само нервоза!
Ама тоа во нормална држава, кај нас култура, уметност, книжевност, образование не се поддржува. Се поддржуваат кладилници, и да се донесе на пример Карлеуша, државата ќе плати! Затоа сме на тоа дереџе на кое сме, зашто погрешни приоритети и вредност имаме!
Затоа и ние со ЗБОР не излегуваме на Саем, ќе треба да работам само да одвај (дали и ќе успеам) да покријам трошоци. А пак читателите нема да се задоволни зашто ќе не можеме да дадеме попусти. Вака онлајн! Бар можеме попуст да дадеме- реагира Златкова Анастасова.
Саемот на книга се отвори вчера и ќе трае до 10-ти мај, во Арена Борис Трајковски во Скопје. Ова е 35-то издание на настанот, а покровител е Министерството за култура. Околу 60 издавачки куќи изложуваат годинава, и се очекувале околу 30.000 посетители. Цена на редовната влезница е 80 денари, а 50 денари по лице изнесува цената за организирани групи на ученици.
Вики Клинчарова