Гудрун Штајнакер, поранешна германска амбасадорка во Македонија и Црна Гора и поранешен заменик-амбасадор во Бугарија, вели дека Бугарија и Република Северна Македонија прво треба да се разберат дека не се разбираат.
Штајнакер, во интервју за БНР, вели дека одлично ги знае аргументите на двете земји, но не сака да процени кој е во право, а кој не. Сепак, според нејзиното мислење, овој проблем сигурно нема да биде решен наскоро.
Амбасадорката Штајнакер беше категорична дека ниту една земја нема да биде примена во ЕУ доколку има нерешено билатерално прашање. Оваа грешка еднаш ја направи Брисел со Кипар, но нема да се повтори. Според неа, Бугарија нема за што да се грижи доколку го поддржи почетокот на преговорите за членство меѓу ЕУ и Република С. Македонија. И овие преговори, рече таа, ќе траат „многу многу долго“, јави дописникот на МИА.