Денес, 5 септември 2024 година, се потпиша Договорот за соработка меѓу Шпаркасе Банка и Хајделберг факултет во Скопје, со цел Банката да ги поддржи најдобрите студенти преку целосна тригодишна стипендија и вработување во Банката. Партнерството меѓу двете страни е особено значајно за имплементација и развој на дуалното образование во државата, каде што овие студенти покрај нивните студии на престижниот Хајделберг факултет во Скопје, ќе имаат уникатна и непроценлива можност да го дополнат своето образование со развој на професионални вештини стекнати од финансиските експерти во Шпаркасе Банка, кои ќе бидат нивни ментори преку работа на реални проекти.
Во оваа насока, претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Санел Кустурица истакна дека целта на Банката е да се вклучи во сите активности со значителен импакт врз иднината на младите, какви што се иновирање на работните процеси, инвестирање во развој на вештините на вработените и вложување во нивните потенцијали. Преку ова партнерство, им се дава исклучителна поддршка на младите студенти преку нивното образование на Хајделберг факултетот, како и можности за вработување во Банката. Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Санел Кустурица изјави дека овие иницијативи, кои се дел од платформата „Sparkasse Life“, покрај тоа што придонесуваат за личен и професионален развој на младите, создаваат и темелни основи за долгорочен успех и иновација во финансискиот сектор.
Од друга страна, проф. д-р Цајтел го образложи начинот на трансфер на германските студии во македонскиот образовен систем преку активна поддршка и супервизија на Франкфуртскиот универзитет „Провадис“. Имено, како што кажа, Хајделберг факултетот во Скопје веќе е акредитиран и признаен како нов партнер за изведување додипломски германски студии за целиот регион на Западен Балкан.
Ова партнерство, како што кажа проф. д-р Цајтел, претставува значаен момент за Факултетот во Скопје, затоа што Шпаркасе Банка АД Скопје е водечка банка во регионот и потекнува од Австрија (земја со германско-австриско јазично подрачје – членка на ЕУ), а Хајделберг факултетот во Скопје е супер германски бренд – поттик за вистинска промена и иновативност во македонскиот образовен систем.
Целта на ваквото партнерство, како што истакнаа двете страни, претставува развој на дуалното високо образование, а со цел – најдобрите студенти да бидат поддржани и да работат во Шпаркасе Банка АД Скопје, уште на самиот почеток од студиите. Практично, тоа е уникатноста на новиот образовен модел во Хајделберг. Да се создадат кадри заедно со дуалните партнери во текот на студиите, во сите три години од циклусот, дополни проф. д-р Наумоски.
Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Санел Кустурица ќе биде дел од органите на Факултетот, со партиципација и водство на советодавниот одбор од бизнисот (Бизнис-совет), како и високите тамошни банкарски специјалисти, кои ќе бидат вклучени во наставата заедно со германските колеги.