Од понеделник во Шпанија ќе биде задолжително носењето на заштитни маски во јавниот превоз како превенција од ширењето на ковид-19. Ова доаѓа како нова мерка во разлабавувањето на рестрикциите за движење во земјата, пренесува Си-Ен-Ен.
Премиерот Педро Санчез рече дека поради новата мерка, владата ќе обезбеди 6 милиони маски што ќе бидат дистрибуирани во близина на станиците на јавниот превоз. Дополнителни 7 милиони маски ќе бидат обезбедени и предадени на локалните самоуправи.
По забраната од седум недели, денеска на возрасните граѓани од Шпанија им беше дозволено да се рекреираат и да спортуваат на отворено. Рестрикциите за движење на деца под 14 години, се олеснети уште пред една недела.
Досега, во Шпанија се регистрирани над 25 илјади починати лица од ковид-19, а оздравени се околу 146 илјади пациенти. Во моментов има над 74 илјади активни случаи.