Репрезентативецот на Бразил и првиот тим на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор е добитникот на наградата „Златна топка“ за сезоната 2023/2024 што ја доделува магазинот „Франс Фудбал“!
Иако ова признание официјално ќе биде доделено на гала церемонија на 28 октомври во Париз, шпанскиот спортски весник „Марка“ тврди дека одлуката веќе паднала на брзоногиот првотимец на европскиот шампион.
И не само тоа. Влијателниот весник наведува дека Бразилецот веќе бил информиран дека е добитник на наградата, а истата информација ја добил и производителот на спортска опрема „Најк“ за да има доволно време да создаде специјални златни копачки за Винисиус.
Според „Марка“, главни конкуренти за новиот освојувач на Златната топка биле неговите соиграчи од Реал Мадрид, Џуд Белингем, Килијан Мбапе и Дани Карвахал, како и Родри од Манчестер Сити.
Бразилецот минатата сезона со Мадрид ја освои титулата во Ла Лига, Суперкупот на Шпанија и најважно од се, титулата европски првак, а вкупно постигна 26 гола и имаше 12 асистенции.
Винисиус поради своите изданија веќе ја доби наградата за најдобар играч на минатогодишното издание на Лигата на шампионите, а работата за освојување на „Златната топка“ му беше олеснета, бидејќи за првпат по 21 година ниту Лионел Меси ниту Кристијано Роналдо не беа во конкуренција за оваа награда.