Во тензична атмосфера и со жестока расправа, Советот на Општина Центар денеска ги стопираше градбите од Скопје 2014-та. Советниците конечно ја продолжија седницата која беше прекината пред цели четири години, поради демолирање на Општината и нарачаните шамари од тогашниот премиер Никола Груевски за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
Со 12 гласа „за“, од советничката група предводена од СДСМ и 11 „против“, поништени беа урбанистички планови, кои беа донесени од претходното состав на Советот на општина Центар, во 2012-тата година.
Градоначалникот Жерновски вели дека целта на поништувањето на ДУП-ови е да се интервенира на локациите на кои се предвидени нови градби, но не е почнато градењето.
Една од таквите градби е катната гаража спроти Музеј на Град Скопје која не почна да се гради оти уште се во тек судски постапки за земјиштето. Не почнаа да се градат ниту Шпанските скали на Плоштад Македонија. Панорамското Тркало ќе продолжи да се гради затоа што тоа е веќе почната градба. Но, се стопира и пробивањето на сервисната улица на Кеј 13 Ноември.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека за конечната одлука ќе решаваат повисоките судови.