Шпанската полиција уапси 50 членови на криминална организација осомничени за транспорт на кокаин и хашиш од југозападна Шпанија во други европски земји и заплени 7 тони дрога, соопшти денеска Граѓанската гарда, полицијата која учествуваше во акцијата.
Полицијата запленила близу 2 тони кокаин и 5 тони хашиш. Акцијата со кодно име „ЗАМОК“ започна минатата година, а во неа учествуваше и полицијата од Португалија, Франција и Велика Британија.
Криминалната група дејствувала во областа на крајбрежниот град Хуелва и околу полуостровот Гибралтар, а воспоставила врски во соседна Португалија.
Полицијата открила дека користат чамци и бродови за набавка и дистрибуција на дрога и дека имаат соработници на Канарските Острови и Мароко.
Купувале хашиш од Мароко, а кокаин од Латинска Америка и го доставиле по морски пат до југот на Шпанија, од каде го продавале во Европа, се наведува во соопштението.
Од пријавените се одземени два глисери, шест автомобили, осум мотори и електронски уреди и поголема количина на комуникациска опрема.
Шпанија и Португалија оваа година ја чувствуваат зголемената активност на трговците со дрога. Португалската полиција претходно оваа недела објави дека запленила повеќе хашиш во првите три месеци, отколку во целата минатата година.