Шпанија одлучи да ја подигне возрасната граница за вакцинирање со вакцината против ковид-19 на „Астра Зенека“. Како што соопшти Министерството за здравство, вакцината сега ќе ја примаат и лица постари од 55 години.
Шпанската министерка за здравство, Каролина Даријас, денеска ја информира јавноста дека здравствените власти во земјата ја кренаа возрасната граница од 55 на 65 години за употреба на вакцината против коронавирус на „Астра Зенека“.
Шпанските власти првично ја ограничија употребата на вакцината „Астра Зенека“ на лицата помлади од 55 години, бидејќи податоците од клиничките испитувања не се однесуваа на постарите лица.
Меѓутоа, подоцнежните клинички испитувања кај луѓето постари од 55 години покажаа поголема ефикасност, при што многу земји ја поместија возрасната граница за употреба на оваа вакцина.
Шпанија е меѓу европските земји што се најмногу загрозени од коронавирусот, со досега регистрирани 3,2 милиони заразени и дури 73 000 мртви.