Во текот на оваа година, Шпанија ќе и обезбеди на Украина воена опрема вредна 1 милијарда евра, како дел од билатералниот договор што денеска во Мадрид го потпишаа шпанскиот премиер Педро Санчез и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Најважно е брзо да и помогнеме на Украина да се одбрани. Сакаме да испратиме порака до Украина, меѓународната заедница и (рускиот претседател) Путин дека ќе стоиме покрај Украина се додека е потребно за да се обезбеди нејзината слобода, територијален интегритет и суверенитет“, рече Санчез на конференцијата за новинари.
Зеленски денеска ја посети Шпанија за прв пат откако Русија ја започна инвазијата на Украина пред 824 дена. Украинската армија се соочува со руска офанзива во источниот регион Харков, па Зеленски бара од западните сојузници дополнително оружје.
Истовремено, Украина продолжува со бомбардирањето во внатрешноста на Русија, каде во понеделникот едно лице загина, а три се ранети.
„Русија сака да не уништи“, рече Зеленски и се заблагодари на Шпанија за помошта.
Шпанија вети дека ќе испрати десетина проектили за американските противвоздушни системи Патриот и 19 употребени тенкови и муниција Леопард 2А4 од германско производство.
Целиот систем нема да дојде со проектилите, објави весникот „Ел Паис“, а Санчез рече дека не е можно Шпанија да ги испрати „Патриотите“, туку дека веќе испраќа ракети.
„Денес зборувавме за противвоздушни системи. Шпанија не можат сами да ни помогнат во ова прашање, но такви системи има доволно во светот“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател денеска се сретна со шпанскиот крал Фелипе Шести, а во текот на денот ќе се сретне и со претставници на шпанскиот парламент и на опозицијата.